Одбележан Денот на Бошњаците со свечена академија

Фото: МИА

Меѓународниот ден на Бошњаците вчеравечер беше одбележан со свечена академија во Скопје организирана од бошњачките здруженија Форум на Бошњаците, „Шадрван” и „Диван”.

Во име на Владата на присутните им се обрати министерот Оливер Спасовски кој истакна дека Бошњаците се составен дел од културното и општественото милје во нашата држава и  дел од концептот „Едно општество за сите”.

– Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како матица на сите Бошњаци каде и да се наоѓаат, се поврзани со силно партнерство и заеднички стремежи за билатерална и регионална соработка во сите сфери, но и за внатрешна стабилност и развој, истакна Спасовски.

Честитки до Бошњаците упати и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој е единствен пратеник од бошњачката заедница во Собранието.

– Македонија е наша заедничка куќа, иако сме помалубројни, таа немаше да биде така богата доколку Бошњаците не се дел од неа. Влогот и поддршката на прогресивните сили во државата од Бошњаците е огромна, а Бошњаците извршуваа најзначајни функции и ги извршуваа посветено, чесно и транспарентно во интерес на сите граѓани. Искрено верувам дека така ќе биде и во иднина и дека сите заедно ќе продолжиме да работиме и да ја градиме нашата заедничка куќа, рече Рамчиловиќ.

Претседателот на Форумот на Бошњаците, Енес Шемсовиќ, во поздравниот говор истакна дека Бошњаците се меѓу најсилните кохезивни алки во општеството и поддршка на сите процеси кои ја дефинираа Македонија како суверена и независна држава.

За заслуги во изминатиот период им беа доделени признанија на градоначалниците Аце Коневски, Висар Ганиу и Блерим Беџети, на реис-ул-улема Шаќир Фетаху и на министерот Оливер Спасовски.

Денот на Бошњаците претходно беше одбележан и во велешко Горно Оризари, со свеченост на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев, а по овој повод здружението „Диван”  ја објави збирката поезија „Мостови на пријателство 4″. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот