Од здравство во политика и назад: Двајца грчки пратеници повторно во бел мантил во битката со пандемијата

Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Еден од шестемина потпретседатели на грчкиот Парламент и пратеник од Комунистичката партија, Јоргос Лабрулис, и пратеникот од Нова демократија, Христос Келас, кои по професија се лекари, соопштија дека му стојат на располагање на здравствениот систем за да помогнат во битката со пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Лабрулис во допис до претседателот на парламентот вели дека како пулмолог, местото во овој момент му е заедно со неговите колеги, со лекарите и со болничарите и бара привремено да биде ослободен од должностите како еден од потпретседателите, за да може да се приклучи во некоја од болниците во Лариса, каде што работел, пред да биде избран за пратеник.

– Чувствувам дека морам да направам нешто повеќе и да придонесам во својство на лекар-пулмолог, бидејќи во оваа фаза верувам дека, пред сè, приоритет има практичниот придонес за заштита на човечкиот живот. Сметам дека местото ми е заедно со колегите доктори и болничари кои се борат во неповолни услови за лекување на луѓето во државните здравствени центри во Лариса, пишува пратеникот и шестиот потпретседател на парламентот во неговиот допис.

Воедно, тој упати апел до пратениците кои по професија се лекари, да го сторат истото.

Пратеникот од Нова демократија, Христос Келас, соопшти дека како лекар- анестезиолог се става во служба на здравствениот систем и се откажува од било каков надомест.

– Во оваа војна, никој не е вишок, вели Келас.

Од лекарската комора на Атина, соопштија дека 20 приватни лекари, веќе одговориле позитивно на апелот од Министерството за здравство на Грција, да се вклучат во битката со пандемијата во некоја од грчките државни болници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот