Од вечер повторно полициски час, задоцнета активност за казнување за непочитување на мерките за заштита

По зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава и за ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје, во сите сите скопски општини и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Забраната на движењето почнува вечер, од 21 часот и ќе важи се до понеделник, до 05:00 часот.

Во сите останати градови се забранува движење на сите граѓани од вечер, од 21:00 часот до наредниот ден, до 05:00 часот наутро. В петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро. Петок е прогласен за неработен ден за сите граѓани. Владата ја донесе оваа одлука на вчерашната 60-та седница, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.

Од вечер, од 21:00 часот до понеделник, до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.

Отстапките од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Остануваат да важат сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени. Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот. Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека групирањата, непочитувањето на мерките и неказнувањето се причина за раст на заболените и враќање на полицискиот час.

-Овој нов бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки, но и задоцнета или слаба активност за казнување од страна на наделжното министерство. Се надевам дека конечно и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека претставува закана за секој кој не ги почитува мерките за заштита. И после одржани речиси 100 прес-конферении и илјадници пати повторени апели и пораки еден дел од граѓаните се уште одбиваат да ја прифатат реалноста, да прифатат дека одговорноста е на секој поединец, рече Филипче на синоќешната прес-конференција.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само вчера беа регистрирани 101 случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.

Вкупниот број на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2.492, бројот на оздравени пациенти е 1.605, а на починати 145. Во моментов во земјава има 742 активни случаи.

Досега се направени вкупно 32.161 тестирања на Ковид -19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот