Од утре во продажба влезниците за дуелот со Германија, цената изнесува  100, 300 и 500 денари

Фудбалерите на 11 октомври ја пречекуваат селекцијата на Германија/ фото: ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија преку МК Тикетс кој е официјалниот партнер за продажба на билети, од утре, понеделник, започнува со продажба на билети за квалификацискиот натпревар на македонската А репрезентација против Германија кој ќе се одигра на 11. октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Влезниците ќе се продаваат по цена од 100 денари за западната трибина, 300 денари за блоковите 1, 2, 5 и 6 од јужната трибина и блоковите 13, 18, 19 и 24 од северната трибина и 500 денари за централните блокови од јужната и северната трибина на Националната арена „Тодор Проески“.

Билетите од источната трибина се ставени на располагање за гостинските навивачи.

Бројот на љубители на фудбалот кои ќе присуствуваат на Националната арена „Тодор Проески“ за мечот Македонија – Германија е ограничен на 50 проценти од вкупниот капацитет согласно мерките утврдени за заштита од вирусот Ковид-19 и протоколот на УЕФА за присуство на гледачи на трибините. Продажбата на билетите ќе се одвива електронски преку системот наМК Тикетс, додека билетарата на Националана арена ќе биде отворена за физичка продажба на влезници на 9, 10 и 11 октомври во периодот од 10:00 до 18:00 часот. Едно лице ќе може да купи најмногу четири билети со приложен документ за идентификација.

Согласно официјалната одлука на Владата на натпреварите е дозволено присуство единствено со приложување на еден од следните документи:
– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот Ковид-19, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест.
– Сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Не се однесува на лица под 18 годишна возраст.

 

Видео на денот