Од утре стартува дигиталната царина

Дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) стартува од ноќеска на полноќ. СОЦДАД е систем кој е во ранг на најсовремените системи што се користат од страна на земјите членки на ЕУ, и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија.

Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина. Царинските постапки кои досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки.

За економските оператори, пак, ова значи намалување на времето на поднесување декларации, поедноставување на процесите и значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизирани со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција. До новиот систем, економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа кој е достапен без надомест.

За непречено поднесување на царинските декларации во новиот систем, од Царинската управа апелираат до сите економски оператори навремено да проверат дали ги исполнуваат основните услови, односно да поседуваат електронски потпис (сертификат), да имаат одобрен пристап до СОЦДАД, а доколку поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле Одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД.

Сите одобренија поврзани со царински постапки, како што е наведено во соопштението од Царинската управа, мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот