Од утре поевтинуваат стотици прехранбени производи и сите зеленчуци и овошје

Зеленчук во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Трговците на големо добија обврска да ги пополнат рафтовите речиси како во август за да не се случи како што „играа“ со лебот

Цените на белиот ориз, брашното од тип 400 и 500, белиот и полубелиот леб од 450 грама, сечен и на парчиња, другите пекарски производи, бисквитите петит бер, наполитанките, тестенините обични со и без јајца, јунешката и свинската кртина, меленото месо, пилињата свежи или смрзнати, пилешкиот стек, чајниот колбас, пилешката посебна салама, паштета јунешка и пилешка, трајното кравјо млеко, освен органско со масленост од 2,8, 3,2, или 3,5 отсто од 1 литар, јогурт од 1 литар со 2,8 и 3,2 отсто масленост, киселото кравјо млеко во пакување од 300 до 500 грама, павлаката со 12 или 20 отсто масленост во пакување од 180 или 200 грама, традиционалното кравјо или мешано сирење, кравјиот кашкавал, јајцата и целото овошје и зеленчук од утре ќе бидат поевтини за најмалку 10 отсто, соопшти на прес-конференција во Владата, министерот за економија Крешник Бектеши.

– Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на ниво 1 август 2023 и тие во трговијата на мало се намалуваат за најмалку за 10 отсто. Дополнителна обврска за производителите и за трговците на големо е што тие треба да одобруваат рабат и други надоместоци до 5 отсто, но не повеќе. Трговците на мало треба да ги одбележат овие стоки со знакот „гарантирана цена“, кои веќе се поделени на трговците синџири. За да нема трговски игри, како во случајот со лебот, дополнително трговците на големо добиваат обврска да ги снабдуваат маркетите со најмалку 70 отсто од истите производи според снабденоста од август – посочи Бектеши.

Министерот соопшти дека веќе е доставено писмо со обврските до пазарната инспекција во кое има толкување на законите во надлежност на Министерството за економија и доколку маркетите не се придржуваат до владината одлука, тие ќе може да изречат и забрана за дејност.

– Дополнително на маркетите ќе им се дозволи да прават акции со пониски цени од оние пропишани со новата одлука, плус обврска ако во случај прават намалување на производи, поради истек на рокот, тоа да биде посебно означено. Во вторник ќе се зголемат и ингеренциите на ДПИ, а ако некој се жали на одлуката, има други надлежни органи. ДПИ може да постапува во зависност од сторениот прекршок, но мислам дека трговците ќе ја почитуваат одлуката во 99 отсто од случаите. Доколку граѓаните забележат прекршување, веднаш треба да го известат ДПИ, а ако се забележи дека пазарните инспектори не излегле на терен, ние како Влада ќе преземеме мерки кон ДПИ – се закани Бектеши.

Министерот повтори за да нема забуна дека оваа одлука ќе важи за сите производи, без разлика дали се домашни или странски, односно важи за сите што се на македонскиот пазар. Тој рече дека Македонија не е единствена земја во ЕУ која замрзнува цени, додавајќи дека очекува во наредните месеци да има намалување на инфлацијата во делот на храната за над 4 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот