Од толку пиони, земјата во пат-позиција

Ковачевски го кани Мицкоски на средба по изборот на новата влада/Фото: СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ

И Мицкоски кога беше избран за лидер исто важеше дека е пион на Груевски. Не е во ред таквиот речник за комуникација меѓу партиите и меѓу лидерите. На ист начин беше избран и Мицкоски и најмалку тој треба да кажува дека Ковачевски е пион, вели аналитичарот Александар Кржаловски.

Уште неизбран, идниот премиер Димитар Ковачевски од најголемата опозициска партија секојдневно е нарекуван пион на премиерот во оставка Зоран Заев, а за да не биде така, бара уште во првите 100 дена да има истраги за Заеви. Уште неседнат во премиерското столче, мандатарот Димитар Ковачевски е на удар на опозицијата, која го нарекува пион на Зоран Заев. Експертите ваквиот речник го нарекуваат непримерен и сметаат дека треба да се воспостави културна комуникација, без навреди.

– Непримерен е речникот меѓу најголемите политички партии. И Мицкоски кога беше избран за лидер, исто важеше дека е пион на Груевски. Не е во ред таквиот речник за комуникација меѓу партиите и меѓу лидерите. На ист начин беше избран и Мицкоски и најмалку тој треба да кажува дека Ковачевски е пион. Мицкоски и при првиот и при реизборот недоволно се дистанцираше од Груевски. Нема потреба од таков вординг, но очигледно толкав е капацитетот на самите партии и на лидерите. Таквиот речник за жал им одговара на партиите за да поттикнуваат популизам кај своето членство, иако тоа е глупаво – смета аналитичарот Александар Кржаловски.

Нивото треба да се подигне

Ковачевски, пак, во неколку јавни настапи досега истакна дека нивото на политичка култура треба да се подигне.

– Јас нема да навлегувам во ниското ниво на политичка комуникација како ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не ми го дозволува прво моето воспитување и начинот на кој ја имам градено мојата кариера. Треба нивото на политичка култура да се подигне и да разговараме за решенија на проблемите што ги имаат граѓаните, а не секојдневно да гледаме обвинувања едни кон други – вели Ковачевски.

Ковачевски претходно најави дека со Мицкоски ќе разговара за актуелните прашања, како и да се изнајде решение за закони од интерес на граѓаните. Мандатарот открива дека вечерта кога бил избран за претседател на СДСМ, а Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, телефонски разговарале дека по изборот на новата влада ќе се видат и ќе разговараат за актуелната состојба.

Опозицијата чека официјална покана

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека чекаат официјална покана од мандатарот за средба на лидерско ниво.

– Средбата би била прифатена под услов да се разговара за следниот дневен ред: предвремени парламентарни избори како единствено одржливо и кон граѓаните одговорно решение, содржината на одговорите на прашалникот „5 плус 1“ кон Бугарија и позициите на Македонија, и точка разно во која би спаѓало и разговор на темата сузбивање на криминалот и корупцијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По условувањето од Мицкоски, од СДСМ одговорија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не ја разбрал суштината на поканата.

– Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. Во ек на економска криза кога лидерите во светот зборуваат за поддршка на граѓаните, тој поставува услови за средба само ако има предвремени избори. Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми – велат од СДСМ.

Според владејачката партија, избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија. Покрај ова, новата влада предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот докрај, односно до 2024 година и оттаму избори не се во план.

Кржаловски: Лидерска средба еднаш месечно

Кржаловски смета дека не само што идниот премиер и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се сретнат, туку дека треба да воспостават практика најмалку барем еднаш месечно да одржуваат состаноци.

– Средба треба да има помеѓу идниот премиер и лидерот на најголемата опозициска партија, но таа да не се условува. Иако Мицкоски ја условува средбата, не гледам зошто Ковачевски не би ја прифатил – вели Кржаловски.

 

Видео на денот