Од Табановце до Гевгелија возови ќе „летаат“ со 160 километри, милијарди евра за железници и автопатишта најави Мицкоски
Македонија влегува во најголемиот инвестициски циклус во транспортната инфраструктура во последните децении, истакна премиерот
Патнички возови што ќе се движат со 160 километри на час, а товарни композиции – со 110 километри на час, напредок во изградбата на железничката пруга кон Бугарија и изградба на неколку клучни автопатишта се само дел од инвестициите во патната и железничка инфраструктура што ги најави премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот брифинг со новинарите.
Мицкоски најави дека Македонија влегува во најголемиот инвестициски циклус во транспортната инфраструктура во последните децении, со проекти вредни повеќе милијарди евра, кои треба да ја подобрат поврзаноста на земјата со регионот и европските транспортни коридори.
Како најзначајна инвестиција ја издвои изградбата на брза железница по должината на Коридорот 10 – од Табановце до Гевгелија, проект чија вредност се проценува на околу 1,8 милијарди евра.
Препорачано
– Доколку сите подготовки завршат според планираното, до крајот на годинава очекуваме да почнат и првите активности на терен – изјави премиерот.
Проектот ќе се реализира во соработка со Обединетото Кралство и меѓународни финансиски институции, а Владата очекува да станеме клучна транспортна артерија за патничкиот и товарниот сообраќај низ државата.
– Ова е проект што ќе ја промени сликата на железничкиот транспорт во Македонија и ќе овозможи значително побрзо движење на луѓе и стока по должината на најважниот транспортен коридор во земјата – нагласи Мицкоски.
Осврнувајќи се на источниот крак на Коридорот 8, премиерот информираше дека продолжуваат активностите на железничката делница кон Бугарија. Според него, тунелите на трасата кон Крива Паланка се веќе пробиени, а следува фазата на внатрешно уредување, поставување на железничката инфраструктура и изградба на преостанатите објекти во должина на трасата.
Владата разгледува можност за продолжување на рокот за реализација на проектот до октомври 2028 година, во согласност со препораките на финансиерите и техничките консултанти.
– Од наша страна има активности и поддршка од европските институции, но на бугарска страна не гледаме доволен теренски прогрес – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата останува посветена на реализацијата на овој проект бидејќи железничкото поврзување со Бугарија е дел од европските транспортни политики и има стратешко значење за државата.
Паралелно со проектот кон Бугарија, Владата планира да ја модернизира и железничката линија Скопје – Тетово – Гостивар, која претставува западен крак на Коридорот 8 и идната врска кон Албанија. Инвестицијата е проценета на околу 284 милиони евра, а средствата се обезбедени преку европските механизми за поддршка на реформите и на транспортната инфраструктура.
Проектот предвидува реконструкција на постојната пруга, поставување нови шини, електрификација и современи системи за сигнализација и управување со железничкиот сообраќај. Според Владата, модернизацијата значително ќе ја подобри железничката поврзаност на Полошкиот Регион и ќе создаде предуслови за понатамошно железничко поврзување со Албанија.
Во делот на патната инфраструктура, премиерот соопшти дека делницата Извор – Врбјани од автопатот Кичево – Охрид би можела да биде пуштена во употреба веќе во септември, а најдоцна во октомври годинава.
– Оптимистичкото сценарио е тоа да се случи до 8 Септември, Денот на независноста, но реално е да се очекува пуштање во употреба во септември или октомври – изјави Мицкоски.
Целосното завршување на трасата до Охрид се очекува во првиот квартал од 2027 година. За реализација на преостанатите работи се обезбедени дополнителни 175 милиони евра преку домашни банки. Според премиерот, парите ќе бидат наменети за завршување на целокупната инфраструктура, вклучително и споредните патишта, сигнализацијата, заштитните огради и системите за безбедност во тунелите.
Мицкоски информираше дека е завршена тендерската постапка за автопатската делница Букојчани – Кичево, која ќе овозможи поврзување на постојните и новите траси на Коридорот 8.
Продолжен е рокот за делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани
Проектот се реализира со заем од околу 220 милиони евра, а доколку нема поголеми жалбени постапки, градежните активности би можеле да започнат во септември или октомври годинава. Во завршна фаза се и процедурите за делницата Блаце – Скопје, чија вредност изнесува околу 215 милиони евра.
Осврнувајќи се на проектот што го реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, Мицкоски повтори дека неговиот став за договорот останува непроменет.
– Не сум го променил ставот. Сè уште сметам дека договорот е лош и економски не носи доволен ефект за домашната економија – изјави тој.
Чебрен и Галиште ќе се градат и без странски партнер
Премиерот се осврна и на хидроенергетските проекти Чебрен и Галиште, оценувајќи ги како едни од најважните енергетски инвестиции за државата.
– Чебрен и Галиште се проекти од исклучително значење за енергетската независност на Македонија. Доколку е потребно, ќе ги реализираме и сами, без помош од страна – изјави Мицкоски.
Според него, Владата ќе ги разгледа сите можности за обезбедување финансиска конструкција со цел проектите конечно да бидат реализирани по повеќедецениски неуспешни обиди.
Мицкоски нагласи дека целта е Македонија да добие нови домашни производствени капацитети за електрична енергија и долгорочно да ја зајакне сопствената енергетска стабилност.


