Од субвенциите на ЕУ за земјоделство, најголем профит имаат милијардерите
Група милијардери се крајните профитери од земјоделските субвенции на ЕУ од 2018 до 2021 година, вклучително и поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш и британскиот бизнисмен Сер Џејмс Дајсон, додека многу мали фарми се борат да преживеат, а илјадници се затворени, објави „Гардијан“.
Во тој период ЕУ на компаниите од споменатата група милијардери им дала дарежливи субвенции за земјоделството во вкупен износ од 3,3 милијарди евра, покажуваат последните официјални податоци на земјите-членки на ЕУ.
Меѓу 17-те милијардери, крајни корисници на субвенциите се Бабиш, кој беше ослободен од обвиненијата за измама поврзана со субвенциите во февруари, британскиот тајкун Дајсон, кој се залагаше Велика Британија да ја напушти ЕУ и чија компанија доби средства од ЕУ пред Брегзит, како како и кинескиот инвеститор Гуангчанг Гуо.
Други милијардери кои имаат корист од фондовите на ЕУ финансирани од даночните обврзници се германскиот магнат од месната индустрија Клеменс Тенис, Данецот Андерс Холх Повлсен, како и Кјелд Кирк Кристијансен, дански производител на играчки и поранешен директор на „Лего“.
Тоа е вистинско лудило, додека огромното мнозинство земјоделци се борат да преживеат, коментира Французинот Беноа Бито, кој се занимава со органско земјоделство, а воедно и пратеник во Европскиот парламент од редовите на Зелените.
ЕУ дава една третина од вкупниот буџет за земјоделците преку заедничката земјоделска политика „Кап“, а парите се доделуваат врз основа на земјиштето што го поседува земјоделецот, а не врз основа на тоа дали му е потребна помош.
Поради строгите правила за приватност, лошата транспарентност и сложениот синџир на сопственост на компаниите, сепак, не е можна поголема контрола врз тоа кој добива пари, наведува „Гардијан“.
Како дел од студијата нарачана од Комисијата за контрола на буџетот на Европскиот парламент за 2021 година, истражувачите од Центарот за европски политички студии (Ceps) открија дека „во моментов е де факто невозможно“ со сигурност да се утврди кои се најголемите крајни профитери од субвенциите на ЕУ.