Од сите страни „закани“ за мирно чествување на Гоце Делчев

Полиција пред црквата Св.Спас / Фото Слободен печат / Драган Митрески

И од македонска и од бугарска страна забележливи се повиците за достоинствено одбележување на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер. Можна е и соработка на полициите на двете земји за да помине настанот без инциденти

Полициjата веќе два дена ја обезбедува црквата „Свети Спас“ во Скопје, во чиј двор е гробот на Гоце Делчев, со намера да се спречи граѓаните самоорганизирано да се соберат на „чување стража“ или каков било инцидент в сабота, на 4 февруари, кога се чествуваат 151 година од раѓањето на македонскиот великан. Многубројни се повици за мирно и достоинствено одбележување на годишнината што доаѓаат и од власта и од опозицијата.

На чествувањето ќе присуствува целиот државен врв.

„Владата на РС Македонија ве поканува на државниот свечен настан и одбележување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, во сабота, во црквата Св. Спас – Скопје. Свежо цвеќе на вечното почивалиште ќе положи претседателот Стево Пендаровски, владина делегација, предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од првиот заменик Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска“, се вели во поканата од Владата до медиумите.

Од Бугарија досега не се најавени официјални гости

Досега не се најавени официјални гости од државниот врв на Бугарија. Најавени се бугарски граѓани што ги организира фондацијата „Македонија“, на чело со радикалот Виктор Стојанов, кој, пак, вчера извести дека македонската полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот краток престој во Македонија.

– Нема да има и нема да се дозволат барикади, блокади или провокации! Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие, заедно со бугарското МВР, ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата! Имаме организиран превоз со автомобили од Софија. На граница ќе нè пречека полицијата на Северна Македонија и ќе го обезбедува движењето до гробот на Гоце и назад. Во 11.30 часот, на паркингот кај Кале, ќе дојдат и нашите пријатели од Скопје и Бугарите од цела Северна Македонија, иако поради страв од напади нема да ги има многу. Им благодариме на МВР на Северна Македонија и на МВР на нашата татковина што обезбедија ред и што заедно ќе оддадеме чест на Гоце во духот на разбирањето и пријателството, како што ќе биде и во иднина! Дојдете да го почестиме Гоце на неговиот гроб во Скопје – повика Стојанов.

Стојанов порача никој да не извикува „Македонија е бугарска“.

Пред неколку денови тој на Фејсбук ги советуваше заинтересираните мирно да се соберат кај Кале и во група да одадат почит на Делчев, без да провоцираат или да потпаѓаат на провокации, а во коментарите под неговата објава имаше совети „никој да не извикува дека Македонија е бугарска“.

Стојанов пред две седмици ги повика заинтересираните Бугари да дојдат во Скопје и да оддадат почит на „бугарскиот револуционер Гоце Делчев“ што предизвика реакции кај македонските граѓани кои почнаа да се организираат со намера тоа да го спречат. Имаше повици за блокирање на патиштата од Бугарија кон Скопје, а Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Александар Пандов, повика на „ноќна стража“ во црквата „Свети Спас“ уште од петок попладне. Поради овие тензии, Советот за безбедност го оцени чествувањето како високоризичен настан и препорача да се преземат сите законски мерки за да се обезбеди мирно и достоинствено одбележување. Меѓу другото, Советот препорача да се забрани влез во Македонија на одредени лица, меѓу кои и Виктор Стојанов и европратеникот Ангел Џамбаски. Министерот Спасовски повеќепати изјави дека полицијата, дента, на граница, ќе донесе одлука дали некому ќе му го забрани влезот во државата. Спасовски  завчера ги повика граѓаните да не потпаѓаат на повиците на Пандов за чување на гробот на македонскиот револуционер, потенцирајќи дека тоа е стриктно работа на полицијата и никому нема да му биде дозволено да биде над државата.

И бугарската полиција се понуди да помогне

Вчера и бугарската полиција се понуди да помогне, односно главниот комесар на бугарското МВР Станимир Станев рече дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци ако има такво барање од македонското МВР. Тој рече дека разменуваат информации со Македонија за движењето на луѓето за да се обезбеди непречено одбележување на годишнината на 4 февруари.

– Се надевам дека ќе нема провокации и навреди. Вложуваме максимални напори од страна на бугарските гости да нема провокации – вели Станев и додава дека од македонската полиција добиле уверување дека ќе се преземат драконски мерки.

За полициските мерки вчера зборување опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата повикува нивни членови на информативни разговори во врска со чувањето на гробот на Делчев.

– Имам информации за такви информативни разговори и јас ги повикувам граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на секојдневните провокации, кои се со само една цел и ѝ одат во полза само на една структура, а тоа е на Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ и нашиот источен сосед. Ниту една провокација на која ќе потпадне кој било граѓанин, не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава. Затоа повикувам достоинствено да се поклониме во црквата „Св. Спас“. Да покажеме дека на овој народ местото му е во Европа, а не да се враќаме наназад и да дозволиме оние корумпирани полициски структури да успеат да го разединат македонскиот народ – рече Мицкоски.

Во врска со тоа дали очекува случка што би ја нарушила безбедносната состојба, Мицкоски рече дека такво нешто би било само на грев на Владата и на МВР.

– Ако МВР ги слуша сите овие апели што ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте, нема да дојде. Но, доколку сака Спасовски и луѓето околу него да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што единствен виновник ќе бидат тие – нагласи вчера Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот