Од сите страни СКОПЈЕ СМРДИ НА ЧАД: Граѓаните се гушат, мерните станици не мерат

Палење на диви депонии
фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Скопје мириса на чад. Во секоја населба има по некое место, добро познато за локалните жители, каде што се горат пластики и кабли и придонесуваат и во летните месеци, кога не чадат оџаците од домаќинствата, воздухот да биде загаден.

Имено, иако властите во повеќе наврати потенцираа дека најголеми загадувачи на воздухот се домаќинствата, моменталната ситуација ги демантира ваквите ставови.

Изминативе денови до нашата редакција стигнаа пријави од загрижени граѓани за палење оган на различни локации, меѓу кои Керамидница во Автокоманда, Кејот на Вардар кај Топлификација во Аеродром, дивата ромска населба кај Американска амбасада, кај хотелот „Александар Палас“, во Хром, во Сарај, Козле, Драчево, Топанско Поле, Шутка, Чаир, Центар.

Граѓани пријавуваат и за загадување на воздухот предизвикано од палење и во Тафталиџе кај последна 24-ка, Кисела Вода кај Фарина, Маџари, Арачино, Нова железничка станица.

Според реакциите на граѓаните, недозволено се пали оган речиси низ цел град, што изминативе денови предизвика и енормно загадување на воздухот.

Од О2 иницијативата потенцираат дека мерните станици на Министерството за животна средина престанале да работат после зачадениот викенд во градот, откако претходно мерната станица во Карпош покажа присуство на над 140 ПМ10 честички, додека мобилната станица поставена во Ѓорче Петров не покажала ништо за загадениот воздух, бидејќи инструментите за ПМ10 и ПМ2.5 се калибрирани од јуни.

Од иницијативата бараат воведување пасивно дежурство на инспекциските служби вон работното време, задолжително активирање на повик на јавноста и/или надлежните на објавен и секогаш достапен мобилен телефонски број, како и набавка на мобилни мерачи за полесно идентификување и лоцирање на изворите на загадување.

Службите во општина Карпош, за каде што има најголем број реакции, велат дека се постапува по сите пријави.

Според надлежните, главна причина за загадувањето периодов е што жителите на Општина Сарај секојдневно ги палат нивите, а чадот се шири и во соседните општини. Со цел да се заштити животната средина и да не се палат нивите, Град Скопје неодамна го промовираше бесплатното собирање на остатоците од нивните. Оваа мерка за бесплатно чистење на стрништа, како што дознаваме, до сега не наиде на голем интерес од страна на земјоделците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот