Од Русија со љубов?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Додека Запад се надева на тоа дека револтот на народот ќе го сруши Путин, поддршката за Путин расте. Западот ризикува да падне во сопствената информациско-пропаганда замка. Сите грешки за мисинтерпретација на Путин и на Русија ќе одат на контото на западните лидери кои ги манипулираат наивните маси.

Во духот на она што го ветивме, секако со цел да дадеме различни перспективи за тоа што се случува во Украина и да посочиме на можни разрешници во оваа дебата, ќе ги погледнеме работите од руска перспектива, онака „со љубов од Русија!“ Додека тоа е рај за очи за едни, а основа за „мрчење“ за други, голем број „хејтери“ кои имаат свој став за ова прашање, само да укажеме дека пред да се решат да напишат било што, би било добро да прочитаат и да не се „лепат на наслови“, надвор од контекст. Ама, бидејќи секогаш има ама, демократски е да бидеме различни и да имаме ставови. Тука нема дилема. Исто така, нема дилема во тоа дека без различни мислења нема напредок. Нема дилема и дека критиката мора да е издржана, освен кога не е, и кога е навредлива оти така им се може. Но, нема да се занимаваме со тоа, демократски е да се разликуваме и тоа ќе го почитуваме.

Во неколку наврати посочивме дека ако работите се гледаат исклучиво низ матрицата на Запад, Русија е дебело на губитничката страна во Украина. Сепак, пред околу три месеци имавме еден пресек (повелете видете го и ќе видите дека има многу тежина во него) во кој за тој период мошне прецизно предвидовме исход, што и тогаш некому не му се допадна. Овде се битни две работи. Прво, тоа не значи дека и сега ќе биде така. Второ, без прејудицирање дека сакаме да ја претскажуваме иднината би рекле дека за да останеме до крај објективни, но и заради проширување на перспективите по однос на прашањето од интерес, добро е во нашиот форум да ги гледаме работите и од руска перспектива. Впрочем, во поглед на економскиот крах, јасно ставивме до знаење дека тој нема се случи онака како што Западот предвидуваше. Ајде да бидеме попрецизни – може и ќе се случи, ама засега изгледите не се такви.

Тој заклучок дојде како резултат на гледањето на нештата не од логиката на побарување и потрошувачка, втемелена во западниот модел на „дуинг бизнис“, туку од перспектива на рускиот начин на водење бизнис. Истото го сторивме оперативно, пред три месеци, кога Русите како што рековме „мелеа“ додека западните анализи велеа дека се пред крах. Пак едно дообјаснување – тоа не значи дека двете страни не еволуираа во пристапот и дека иновативноста не е пресудна. Тоа значи дека ваквите анализи се релевантни, а не дека се заземање страна. Ајде да тргнеме по ред. Анализата ќе ја направиме преку дипломатско-политички, економски, социјални и оперативни перспективи. Овие стојалишта или двигатели ќе ги земеме како предмет на анализа бидејќи токму преку нив се градат аргументите за пад на Русија, а во тоа ќе искористиме најголем дел од тезите кои се шират преку руските канали за дебата околу војната.

Политички, Путин, и покрај крахот од контраофанзивата која сè уште трае и со која Украина си враќа делови од окупираната територија, речиси и како да не ја регистрира. Тој со голема самоувереност си ги спроведе референдумите, преку акцентирање на заштита на човековите права (за вешто да избегне противправност) си ги анектира териториите. Истовремено, си прогласи мобилизација, која според нив нема за цел да го компензира крахот на специјалната воена операција, туку да се подготви за одбрана на ново/старите територии. Од последниот говор минатата недела, две работи станаа јасни. Путин го потврди она што претходно го рековме дека без разлика на влоговите кои се многу високи, тој нема да отстапи оти за него е ова е „зиро-сам“: сè или ништо игра. Второ, тој, парафразирано, артикулираше неколку работи. Русија нема по никоја цена да ги отстапи анектираните територии. Тоа е дел од Новорусија. Следно, тоа го опишавме и минатиот пат, сега ги повикува властите во Украина да седнат да преговараат (нормално, за да им даде демократска шанса – демократска бидејќи веќе подвлече дека има неколку демократии, а неговата се разликува од западната). На граѓаните и официјално им соопшти дека Западот сака да ја уништи Русија, т.е. нив, нивниот начин на живеење. САД, а не Русија, според него, се тие кои го водат светот кон нуклеарна војна. Англосаксонците, а не Русија, извршија саботажа врз северен тек (додека Германците со право рекоа дека членот 5 е активен за тој случај и набргу се соочија со дилемата дека треба да го употребат против САД). Русија нема никогаш да ја признае „ЛГБТ“ заедницата.
Додека Запад се надева на тоа дека револтот на народот ќе го сруши Путин, поддршката за Путин расте. Западот ризикува да падне во сопствената информациско-пропагандна замка. Верувајќи дека „изолирани“ видеа кои се споделуваат дел од актуелните настани поврзани со мобилизацијата, а дел од поранешни смешни видеа со пијани Руси кои ќе одат да војуваат, Западот може да создаде лажна слика „за моќта со која ќе се соочи во Украина“. Факт е дека одделни видеа индицираат слабост во опременоста на Русија. Но, истите тие видеа не споделуваат колку бргу сето тоа „руските власти го санираат и како ги надминуваат предизвиците“. Храната што на војниците им се дава зависи од регионот. Во одделни региони храната е пооскудна. Тоа се видеа што се од „изолирани случаи и во услови кои се оперативно тешки, а не редовни“. Грото од Руската војска „добива солидна храна и опрема“.
Во економски контекст, нема да трошиме многу бидејќи тоа многу го експлоатираме. Едноставно ќе кажеме дека партнерството со Кина за Русија е излезот од западно поставената рамка на економијата. Во тој дух, на пример, многумина од неделата ја цитираат Кинеската банка, која објави опасност од вртоглав пад на доларот на светските берзи. Уште еден знак дека Западот не е семоќен. „Новиот гасовод е со капацитет колку да може да се направи скромен ручек“. Тој е занемарливо мал во однос на потребите и она што Русија го пружа.

Од меѓународно-правен аспект, пак, „универзализацијата на вредностите од страна на Западот нема да ја поколеба Русија во тоа што е праведно“. Двојните стандарди еднаш мајка другпат маќеа повеќе нема да поминат за Русија и за остатокот од светот. Запад е само дел од светот, не е доминантен. Впрочем, има голем број земји што се против Западот, а на страната на Русија. Правото на Русија да го брани тоа што е нејзино не може никој да го забрани. „Како што Западот го поддржа Косово, така Русија ги поддржува сопствените браќа“. Во оперативна смисла, по руските форуми се шират стории според кои се појавуваат проблеми, но се решаваат брзо. Факт е дека украинските сили даваат жилав отпор, но одбраната на руската територија е света работа и за тоа нема да има пардон, а западните поддржувачи ќе се соочат со руската истрајност.

Само колку за перспектива, откако Путин го реши ова битно прашање со референдумите, ќе може во целост да се посвети на одбрана од натрапниците. Чисто во проценти, Русија контролира над 17% од територијата на Украина. Столтенберг посочи дека на Русија ѝ припаѓа територија што е речиси еднаква како Португалија. Само колку за потсетување: Американците исто така пребегуваа во Канада за време на мобилизацијата за Виетнам. Тоа, за Русија не значи ништо. Впрочем, тие не се против војната, туку едноставно се разгалени и не сакаат да војуваат. Но, многумина гордо сакаат. Во оперативна смисла, Западот има погрешна интерпретација за начинот на кој војува Русија. Русија може да си дозволи да војува со масовност. Вака изгледаат коментарите: „Ако се навистина убедени дека победуваат, зошто полскиот министер за надворешни работи порача дека Западот мора да достави уште опрема и уште помош за Украина? Гинат руски херои, но дали сте се запрашале колку Украинци загинаа во обидот да му го земат она што му припаѓа на рускиот народ?. Нашата мобилизација е делумна. Ние не сме ни почнале со војна. А кога ќе почнеме. Тоа го чуваме ако нашата егзистенција е загрозена од псевдодемократите со двојни стандарди. Нашите воени магацини се сè уште полни. Тие не се ни свесни колку ние можеме. За разлика од Англосаксонците кои го манипулираат светот, ние ќе употребиме нуклеарно оружје во одбрана“.

Доктринарно, Русија уште пред неколку години објасни дека ќе одговори нуклеарно, ако има конвенционално загрозување. Путин, кој е конзистентен во изјавите уште во 2018 година порача – „нашите непријатели ќе отидат во пеколот, а ние ако треба ќе завршиме како маченици, за да ги одбраниме нашите вредности“. Сите грешки за мисинтерпретација на Путин и на Русија ќе одат на контото на западните лидери кои ги манипулираат наивните маси.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот