Од печат излезе деби-романот „Пештера“ на Максим Ристески

Неодамна од печат излезе деби-романот „Пештера“ од Максим Ристески, како 208. издание во едицијата „ПРОаЗА“, со што продолжува традицијата на поддршка на нови домашни автори на издавачката куќа „Или-Или“.

– Иако напати добива одлика на жанровска (трилер и детективска) фабула, благодарение на сугестивните ликови и увидот во нивниот внатрешен свет, романот напати добива и одлики на психолошки роман, а особен белег на нарацијата ѝ даваат многубројните дијалози меѓу ликовите, кои најчесто расправаат и дебатираат за улогата на религијата, филозофијата и уметноста во денешниот свет, така што романот со својата флуидност и разновидност вешто им се отима на сите обиди за строго разграничување во жанровска смисла.

Во романот е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандардно и оригинално дело во современата македонска литература – заклучил рецензентот Владимир Мартиновски во својот осврт кон романот.

Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист. Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Пештера“ му е прв роман, чиј зародок долго се формирал, но кога дошло вистинското време, го напишал во еден здив, посочија од „Или-Или“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот