Од овие луѓе ќе научите многу за љубовта и трпението

Нешто што паѓа в очи уште при првиот контакт со корисниците на дневниот центар „Порака“ е нивната срдечност, отвореност, љубопитност, добродушност.

Наши соговорнички се Лилјана Крстевска, претседател на Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ – Штип и Голубинка Настова, психолог во Центарот.

Колку лица со попреченост се ангажирани во Дневниот центар „Порака“ во Штип и колку од нив се жени? Колку стручни лица работат во Центарот?

Крстевска: Иако половата припадност не е нешто што во нашата работа прави разлика, во дневниот центар се вклучени вкупно 15 лица од кои 8 се жени. Дневниот центар ЦПЛИП „Порака“- Штип, на своите корисници – возрасни лица со интелектуална попреченост им овозможува развивање на вештини за самостојно живеење, работно-окупациони и едукативни активности со што во целост го подржува процесот на деинституционализација. Планираната програма се спроведува во работни денови, од понеделник до петок, од 8-16 часот, од страна на еден психолог и еден помошник едукатор.

Во периодот на вонредни околности со какви активности продолжувате и на кој начин?

Крстевска: Спроведувањето на програмските активности во услови на пандемија со Ковид-19 се одвива во домашни услови со приоритет корисниците на дневниот центар „Порака“ да бидат ангажирани односно да им се дадат насоки и задачи за спроведување на активностите со кои би се одржале нивните можности и вештини на постигнатото ниво. Активностите се планираат од страна на едукаторите и се задаваат- споделуваат индивидуално како задачи и инструкции преку апликацијата Вибер. Во контекст на актуелната ситуација со пандемијата со Ковид-19 во функција се и телефонски линии за психолошка подршка на корисниците и нивните родители.

Ги фаворизирате креативните активности и вештини, за какви активности најмногу има интерес? Има ли таленти?

Крстевска: Креативните активности се поле на наш посебен интерес, дел од корисниците се истакнуваат со нивниот талент за пишување поезија или проза, а дел со најразновидни креативни рачни изработки, каде од посебно значење е соработката помеѓу корисниците во делот на комуникација, помош на секое поле, поддршка во реализацијата на зададените задачи и активности. Целта е да се детектира и практично да се примени потенцијалот на секој корисник и да се развијат нови вештини за посамостоен живот.

Каква е дружбата меѓу самите жени во Центарот?

Настова: Од самиот почеток на функционирање на дневниот центар, па сè до прогласувањето на вонредната состојба поради актуелната пандемија, во рамките на секојдневниот престој во дневниот центар „Порака“, корисничките со задоволство поминуваа голем дел од времето откривајќи нови начини на приготвување храна, споделувајќи нови рецепти, декорации, рачни изработки на мини скулптури од гипс, плетени и везени изработки, цртежи… мотивирајќи се една со друга за полесно и целосно осамостојување. Наша заедничка цел е лицата со интелектуална попреченост да бидат целосно интегрирани во општеството.

Колку се интегрирани лицата со интелектуална попреченост во социјалниот живот?

Крстевска: Благодарение на стекнатите искуства, Републичкиот центар за подршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, како организација која на државно ниво со децении наназад се занимава со оваа проблематика, од 1963 година, особено во делот на интеграцијата на лицата со интелектуална попреченост, може да се заклучи дека вообичаено, контактите на лицата со интелектуална попреченост се сведуваат на комуникација со луѓе од нивното најблиско опкружување, при што забележителна е големата разлика во квалитетот на живот, самостојност и социјална интеграција кај лицата кои се корисници на дневни центри од типот на ЦПЛИП „Порака“- Штип. Во нормални околности, нашите корисници се вклучени во повеќе културно- образовни и уметнички друштва, реализираме чести посети на културно- историски споменици во нашата општина и пошироко и се организираат спортски игри со ученици од основните и средните училишта.

Што вие до сега сте научиле од овие лица?

Настова: Првата моја средба со нив беше во декември 2018 година, односно во тој момент ЦПЛИП „Порака“- Штип функционираше како Социјален клуб, а мојата задача беше да организирам  работилница на тема „Изработка на Новогодишни украси“. Бев пријатно изненадена од редот и дисциплината која владееше за време на работилницата, прво што веднаш ми стана јасно е дека претседателката г-ѓа Лилјана Крстевска и г-ѓа Стојка Гапева (во тој момент волонтерка, а сега помошник едукатор во дневниот центар) имаат вложено огромен труд за работите да бидат во таков ред. Дружбата беше незаборавна, со изобилство позитивна енергија, толку многу љубов, толку многу искреност собрани на едно место, нешто што исклучително ретко се среќава. Во истиот момент ме освоија, а нашата дружба во континуитет продолжи на уште повисоко ниво, со самото прераснување на социјалниот клуб во Дневен центар „Порака“. Нешто што паѓа в очи уште при првиот контакт со корисниците на дневниот центар „Порака“ е нивната срдечност, отвореност, љубопитност, добродушност… Сè на сè, карактерни особини кои доминираат, а воедно сите кои сме во секојдневна комуникација со нив постојано нè потсетуваат колку малку е потребно за да се измами насмевка на нечие лице, да се стопли нечие срце, да се мисли позитивно, да се почитува и сака безрезервно… нешта што секој треба да ги доживее. Овде научив за многу љубов и трпение.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот