Од Орбан со љубов
Во европското досие на Македонија сигурно високо ќе се најде сојузништвото со Орбан и неговата Унгарија. А тоа и не е баш за гордеење, со оглед дека истата таа Унгарија е најпроблематичната членка на Унијата со исто толку проблематична репутација.
Вжештена атмосфера во Брисел, во Македонија „фуриозни“ 30 дена. На прв поглед се чини дека овие две ситуации немаат никаква врска, ама и тоа како се поврзани. Нишката што ги поврзува е – Орбан.
И додека ЕУ симболично веќе го казни унгарскиот премиер со тоа што одлучи заедничкиот состанок на министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на земјите членки, наместо во Будимпешта, на крајот на август да се одржи во Брисел, нам премиерот ни одржа лекција како да се однесуваме кон Орбан.
– Виктор Орбан треба да добие орден и да го прогласиме за херој за тоа што ѝ помага на државата – изјави Мицкоски.
А тоа што европските лидери би можеле да му се лутат за пријателството со Орбан не го засега, бидејќи, како што вели, тоа е внатрешна работа, а плус Oрбан е премиер на земја членка на ЕУ и НАТО. Згора на тоа другите, нели, само нè тапкаат по рамо, а Орбан ни е вистински пријател што „пријателството“, меѓу другото, веќе го докажа со згрижувањето на бегалецот Груевски.
И ако тоа е можеби завршена приказна, сега пријателството го покажа со заемот од 500 милиони евра од најавената милијарда, а во меѓувреме самиот зел толкав заем од кинески банки. Е тоа е вистинско пријателство – „јас ќе се задолжам за да ти помогнам тебе“.
Зошто ни ги дава нам парите, е прашањето на кое нашиот премиер нема одговор, освен дека така се однесуваат пријатели?!
Другото прашање, пак, е дали Европската Унија не ни е пријател, а нè вметна во Планот за раст на Западен Балкан. Разликата е што парите од ЕУ се условени со реформи, а оние од Будимпешта „само“ со пријателство.
Нејсе, точно е дека пријателството со Орбан е внатрешна работа и дека Македонија не е членка на Унијата, исто како што е точно дека новата влада и нејзините министри пред европските амбасадори со полна уста говорат за нашиот евроинтегративен процес (додуша, според сопствени правила) од кој нема отстапување, ама во европското досие високо ќе се најде ваквото сојузништво со Орбан и неговата Унгарија. А тоа и не е баш за гордеење, со оглед дека истата таа Унгарија е најпроблематичната членка на Унијата со исто толку проблематична репутација.
Прашањето е дали ни треба такво сојузништво и унгарско влијание, па макар да е „платено“ и со пари? Па, така, сосема легитимни се прашањата и дилемите од експертите, а и од јавноста, од типот дали – мотивите се само политички или има и нешто друго зад тоа, дали има скриени клаузули, зошто пари токму од Унгарија која и не е баш толку богата, напротив зависи од фондовите на ЕУ…
Без оглед што нашата власт декларативно тврди дека веќе посветено работи на реформските процеси што несомнено ќе резултираат со напредок на европскиот пат и дека нашето членство во ЕУ нема алтернатива, па потребен ни е проактивен пристап во делот на евроинтеграцијата, се чини дека власта не размислила околу последиците од ваквото зближување со Унгарија во моментов, ниту пак, што мислат другите членки на ЕУ околу тоа, и како тоа може да влијае на нашите евроинтеграции?
Ако ова е креативниот пристап на новата власт, тешко дека некој ќе најде „к“ од креативност. За реализација на надворешнополитичките приоритети, ако навистина меѓу нив е и евроинтеграцијата, треба малку повеќе од креативност.
Потребна е искусна и пред сѐ умешна дипломатија која пред клубот кон кој мисли да оди ќе ги објасни и ќе ги сврти во своја корист досегашните потези на новата власт. Не само за Орбановото пријателство, туку и за однесувањето со името, за односите со соседите кои се дел од истиот тој клуб…
Конечно, за креативноста не се доволни само лопати.