Од општините тврдат дека редовно работат и не се дел од изборната кампања

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

На фејсбук-страници на општините секојдневно се објавува ретроспектива на сето она што е сработено во изминатите четири години, а јавните профили на кандидатите, кои се сега градоначалници, се преполни со информации за кампањата.

Активноста на локалните власти и на Градот Скопје во периодов пред локалните избори, особено откако предизборната кампања влегува во својот финиш, барем според она што може да се забележи по социјалните мрежи, се силна поддршка на кандидатите за градоначалници, пред сѐ во општините каде што актуелните први луѓе се во трка и за втор мандат.

На фејсбук-страници на општините секојдневно се објавува ретроспектива на сето она што е сработено во изминатите четири години, а јавните профили на кандидатите, кои се сега градоначалници, се преполни со информации за кампањата. За разлика од социјалните мрежи, на официјалните веб-страници ситуацијата е поинаква. Таму граѓаните сѐ уште можат да се информираат за случувањата во нивните општини и во Скопје, неврзани за претстојните избори, кои во овој период поради актуелниот миг се многу помалку од вообичаено.

Дали локалните власти ги извршуваат своите активности вообичаено и дали граѓаните можат да ги добијат сите услуги непречено? Се одвиваат ли тековно сите веќе започнати проекти? Од општините категорично тврдат дека ништо не е сменето во предизборниот период и дека градоначалниците што се кандидати на претстојните избори редовно си ги завршуваат своите работни обврски, независно од кампањата што ја водат.

Првите луѓе на општините Кисела Вода и Ѓорче Петров, Филип Темелковски и Александар Наумоски, како што велат од нивната администрација, ги завршуваат своите обврски во општината во согласност со законската регулатива превидена за изборен процес, сите активностите се вршат непречено, граѓаните ги добиваат сите услуги навремено, како и претходно, а започнатите проекти тековно се реализираат. За тоа како се работи во Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и во Чаир, каде што исто така актуелните градоначалници се кандидати за втор мандат, не добивме одговор.

Поразлична е ситуацијата во општините каде што градоначалниците не се дел од предизборната трка.

-Општина Центар во текот на предизборниот период ги извршува сите обврски според општинските програми за работа. Граѓаните можат непречено да ги добијат сите услуги и проектите кои се започнати, освен оние кои според правната изборна регулатива се ставени во мирување, се во тек – велат од Центар.

Од Карпош, пак, објаснуваат дека без оглед на изборната кампања, институциите мора одговорно и професионално да ги извршуваат обврските, како и да ги реализираат тековните проекти. Оттаму тврдат дека нема никаков застој во работењето и граѓаните можат да ги остваруваат своите права или да добиваат услуги на локално ниво. Притоа, како што велат, локалната самоуправа продолжува и со дневното информирање на граѓаните за тековните активности, кои се дел од општинските буџетски програми и се спроведуваат со предвидената динамика.

-Институциите треба да бидат „во погон“ за остварување на јавниот интерес, а не за партиски или други интереси. Општина Карпош продолжува со одговорното и професионално работење, како и со комуникација со сите засегнати страни – тврдат од Општина Карпош.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот