Од оперско пеење, до награда на „Макфест“: Интервју со Полина Тасева, новата ѕвезда на македонската музичка сцена! (ФОТО/ВИДЕО)

Фото: Приватна архива

Без дилема на 35-то издание на музичкиот фестивал „Макфест“ кое се одржа пред неколку дена, наградата за најдобар дебитант заврши во вистински раце. 

Младата пејачка Полина Тасева беше најдоброто и најквалитетно освежување што му се случи на фeстивалот во последниве неколку години.

Фото: Слободен печат

Таа настапи со песната „Сѐ се врти во круг“, со која ги освои симпатиите на штипската публика, но и публиката пред малите екрани.

„Слободен печат“ поразговара со Полина со цел да откриеме малку повеќе за неа, за импресииите од фестивалот, но и за нејзините идни планови…

С.П. Најпрво честитки за наградата на Макфест. Очекуваше ли дека ќе бидеш помеѓу наградените, со оглед на тоа дека ова беше твое прво појавување на овој фестивал?

– Благодарност од сѐ срце! Како мое прво појавување на еден ваков реномиран фестивал на забавни мелодии, очекувањата беа скромни а воедно и возбудливи,но ете расположението и радоста на крај беа големи заради наградата што ја добив токму јас за ,,Дебитант” на Макфест 2020 година. Бидејќи низ годините сум настапувала како оперски пејач на многу концерти и претстави, овој настап на Макфест го доживеав како уште едно искуство за паметење со позитивна енергија и убаво дружење.

Фото: Приватна архива

С.П. Чија беше идејата да се учествуваш на фестивалот?

– Уште кога ја слушнав песната која е ремек дело на Роберт Билбилов со текст на Робин Зимбаков, во целост со приказната која се раскажува во текстот многу ми се допадна. Потоа кога беше предложена за Макфест ми беше уште подраго затоа што ќе може публиката да ја слушне на еден голем фестивал, бидејќи тие мелодии остануваат засекогаш запаметени. Јас сум пресреќна и благодарна што ја имав честа да ја испеам ,,Сѐ се врти во круг”!


С.П. Неколку недели пред „Макфест“ ја промовираше и твојата, ако може да се каже прва песна „Игра“. Со кого работеше на таа песна?

– Да ,,Игра” е мојата прва авторска песна. Заедно со Иван Петровски ги напишавме музиката и текстот, а тој го направи и аражманот. Како продуцент се потпиша Роберт Билбилов. ,,Игра” ја создадовме со голема амбиција, а нашето творештво кое и понатака ќе продолжи да произлегува од сопствената искреност,со силна желба да допре до слуштелите ќе ми биде посебно драго! Ќе следува уште музика од нас.

Фото: Приватна архива

С.П. Ајде уште малку да позборуваме за „Макфест“. Која песна од останатите учесници беше твој фаворит?

– Многу ми е мило што некои од пејачите кои се појавија на Макфест ми се пријатели и уште помило што се дружевме заедно таа Макфестовска вечер. Јас ќе го одвојам настапот и изведбата на мојата драга колешка Светлана со својата прекрасна композиција ,,Колку силно љубам”.

С.П. Ако се вратиме наназад низ годините, кој макфестовски хит би сакала да го испееше ти?

– Веднаш би рекла големиот хит на вонвременската Хелена Благне ,,Кога те нема” од далечната 1986 година која сеуште има белег и влијание врз младите пејачи. Сите макфестовски мелодии имаат своја посебна убавина и верувам генерациите што доаѓаат ќе се потсетуваат уште долго на македонската музика од тие периоди.

Фото: Приватна архива

С.П. Реши да се појавиш на македонската естрада во време кога е во тотална блокада поради пандемијата со коронавирусот. Таков беше планот или сосема случајно испаднаа така работите?

– Покрај операта како професија и љубов, од секогаш си постоел жар за создавање авторска музика и се разгорувал повеќе или помалку во одредени периоди од мојот живот. Процесот да создадам своја музика и да ја промовирам на публиката со моето појавување на естрадата трае подолго време, што тој процес сега созреа и започна и верувам ќе трае уште долго. Јас би рекла ништо не е случајно сѐ се случува со причина.

С.П. Генерално според тебе што и недостига на македонската музичка сцена?

– Само храбро со пристапот кон идеите за да се преточат во целосни проекти, песни, видеа, настапи..многу работа и посветеност,бидејќи тоа не отсликува како вистински артисти. Можеби повеќе би рекла недостасува медиумска поддршка за македонската музика и артистите, каде што ќе може во секое време да има место за нас, по вестите, емисиите, некои нови креативни дружења во форма на шоу и слично. Така ќе се чувствуваме по сигурни дека нашата музика веднаш стигнува до слушателите, што тоа најмногу ни значи.

Фото: Приватна архива

С.П. Ако треба да ми издвоиш тројца најдобри пејачи од нашата естрада, кои би биле тоа?

– Ценам навистина многу пејачи од нашава естрада од кои учам за пеењето и настапувањето. Ќе ја одвојам нашата дива Калиопи која секогаш зрачи со топла енергија и умее на убав начин да ја пренесе на нас слушателите. Таа зборува преку песните кои ги изведува со полна душа.

С.П. Со кого би сакала да снимиш дует?

– Сега во моментот ми дојде идеја дека со Калина Велковска мојата прекрасна пријателка и посебната Зарина Првасевда би можеле да направиме добар терцет!

С.П. Кои се твоите идни планови, претпоставувам сега си доволно мотивирана да продолжиш во исто темпо?

– Да и сега и од предходно мотивацијата била присутна така што продолжувам во исто темпо понатака со создавање музика што ќе ја споделувам со вас! Се надевам ќе бидете и тогаш тука за мене да ме поддржите…

Уживајте во нејзината песна со која настапи на „Макфест“:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот