Од октомври каматите не смеат да бидат повисоки од долгот: Кој ќе ги отплетка и застарените неплатени сметки?

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Граѓанските активисти сметаат дека е добро што пратениците конечно се согласија дека каматата нема да смее да ја достигне висината на главниот долг, но не го кријат своето разочарување што ваквото решение нема да важи за старите побарувања. Тие се збунети што народните пратеници се согласија да дадат глас за овие неодамна предложени измени, а со месеци се чека да изгласа предлогот за бришење на каматите на долговите кон јавните претпријатија! Во рамките на 50-тата седница, Собранието вчера попладне со 80 гласа „за“ го донесе и Законот за дополнување на Законот за облигациски односи, во кој се додава член што гласи: „Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“. Примената на Законот е предвидена од октомври годинава.

– Добро е што конечно тргнавме од мртвата точка, но граѓаните ќе бидат разочарани што законот нема да важи ретроактивно. Со години укажуваме дека мора да смени нешто во каматите, бидејќи тие ги сотреа граѓаните. Просто сме зачудени како одеднаш дојде до ова решение, а сѐ уште нема ништо од најавите дека ќе се бришат каматите за долговите кон јавните претпријатија на локално и на централно ниво. Одамна предлагаме „замрзнување“ на износот на каматата во моментот кога таа ќе се изедначи со висината на долгот. Тоа беше и наш предлог кога се дискутираше за Петтиот економски пакет. Во актуелното законско решение за облигациите беше дозволен слободен раст на каматите, а тоа им нанесе огромни штети на граѓаните. Поминаа месеци, нема ништо од ветеното бришење на каматите на долговите кон јавните претпријатија, а лошо е тоа што тука не се вклучени и приватните претпријатија – вели за „Слободен печат“ Маријан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ).

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, кој беше еден од предлагачите на измените на Законот за облигациски односи, рече дека во практика ќе нема повеќе ситуации каде што некој граѓанин за долг од, на пример 500 денари, да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основа на камати.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека даваат целосна поддршка на законските измени и додаде дека тие нема да важат ретроактивно, а Димитар Апасиев, пак, се надева дека ова ќе отвори можност за донесување закон против лихварството, објави А1он.мк.

– Да не ги доведеме граѓаните во заблуда. Каматите што досега им се достигнати, ќе треба да ги платат, а по донесувањето на измените, каматата нема да може да го достигне главниот долг – рече Мицевски.

Граѓанските активисти долги  години се залагаат за конечно отплеткување на старите долгови и камати, бидејќи стасуваат неплатени сметки и од 1995 година, со ужасни камати!    

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот