Од оџачарство се живее повеќе од пристојно, ама младите не се заинтересирани

Во просек, за еден оџак во семејна куќа од два спрата, чистењето чини 1.000- 1.500 денари, во зависност од состојбата на оџакот. Може да се направат 4 – 5 интервенции во текот на денот, па израчунајте која е заработувачката, вели Атанасова Симјаноска, прва жена оџачарка и единствен дипломиран оџачар во Македонија што ги обучува другите оџачари, и мажи и жени.

Јасмина Атанасова Симјаноска е дипломиран архитект со долгогдишно искуство во проектирање, ревизија и надзор, професорка по стручни предмети за архитекти и дизајнери во средното градежно учичиште „Здравко Цветковски“, поетеса, прва жена оџачарка и единствен дипломиран оџачар во Македонија кој што ги обучува другите оџачари, и мажи и жени. Оџачарството дошло многу подоцна во нејзиниот живот, а како последица на нејзината љубопитност околу оваа професија. Знаејќи дека нема едуцирани оџачари во Македонија, Јасмина едноставно сакала да даде свој придонес во подигнувањето на оџачарството на професионално ниво. Како што вели, ѝ биле шокантни податоците за број на пожари поради неисчистени или нефункционални оџаци, учеството во целокупниот енергетски биланс на објектите, влијанието на животнта средина. Ете, тие биле причините.

Во однос на валкањето, нема зошто да се грижам, водата сѐ пере, проблем е кога образот ќе се извалка, тогаш нема враќање. Моралните вредности на еден оџачар се многу важни, тоа се луѓе кои ги пуштате во својот дом, со најголема доверба.

Какво беше првото искуство на качување на кров од куќа и првата добиена работа?  

– Интересно е дека првин се качив на кров со професионални оџачари, и не на кров на куќа, туку на највисоката зграда во Загреб, па потоа дојде одлуката дека можам нешто да направам за оџачарството во Македонија. Беше тоа и забавно и возбудливо искуство. Искрено, и малку застрашувачко. Не толку за личната безбедност, туку за одговорноста што оџачарот ја има за безбедноста на луѓето на кои им ги чисти оџаците.

Не се плашите да се качите на кров, да се извалкате? Имате ли некаков страв во однос на вашата професија?

– Немам страв од височини, секогаш максимално се трудам да ги испочитувам мерките за заштита за работа на висини и тоа е прво нешто на што се обидувам да ги научам оџачарите кои ги посетуваат моите обуки. Се разбира, и прво што се прави на практичната обука е како безбедно да се работи, како да се заштитат, како да се користи опремата и средствата за лична заштита. Интересно, јас немам страв за себе, ама секогаш се плашам за луѓето што ги обучувам, дали се сигурни и безбедни. Во однос на валкањето, нема зошто да се грижам, водата сѐ пере, проблем е кога образот ќе се извалка, тогаш нема враќање. Моралните вредности на еден оџачар се многу важни, тоа се луѓе кои ги пуштате во својот дом, со најголема доверба.

Кои се најголемите предизвици во оваа работа за една жена? Сепак, нели е потребна и физичка сила, а во споредба со мажите, жената тука би можела да има ограничување? 

– Секоја професија си има свои предизвици и oграничувања. Оџачарството веројатно уште повеќе. Донекаде е потребна физичка сила, но техниката е уште поважна, познавањето на технологијата на работа, ракување со алатот и со мерните уреди, а ограничувањата си ги поставуваме сами на себе. Ако не можам да ја понесам опремата за работа наеднаш, ќе се вртам повеќе пати, и ќе го постигнам истото што и било кој маж кој е физички посилен од мене. Сѐ е до состојбата на умот. Не ми пречи ако колегата го понесе потешкиот алат, а мене ми ја остави сајлата и помалите четки, не сметам дека со тоа сум помалку добра од него, туку само дека неговите физички предиспозиции се поадекватни.

Фотографија- Ангела Јанева

Сè уште сте единствена жена оџачар во Македонија?

– На моите обуки за оџачари поминаа две жени, една во првата и една во третата група. Тие се оџачари за чадоводни инсталации кои корстат цврсто и течно гориво во објекти за домување. Мојата едукација е многу покомплексна и ги опфаќа сите аспекти на оџачарството, па и не сум сигурна како да го одговорам прашањето за тоа дали сум единствена жена оџачар. Единствен дипломиран оџачар во Македонија кој што ги обучува другите оџачари, може да биде адекватна дефиниција. И мажи и жени.

Кои се разликите помеѓу традиционалното чистење на оџаци и она од 21 век?

– Разлики треба да има. Многу работи се променети. Оџачкиот фонд во Македонија е со најголема застапеност на ѕидани оџаци од минатиот век. Такви повеќе не се прават, современите оџаци се од поинакви материјали, поинакви технологии на изградба, горивата се поинакви, ложиштата не се исти како тие пред 50 години. Не можеме да се однесуваме како ништо да не се променило. Еден современ оџачар мора да знае што се случува во струката, да ги следи новите технологии на производство на оџаци, и да ја прилагоди својата работа според она што ќе го затекне кај клиентот. Не може оџак од нерѓосувачки челик да се чисти со ѓуле и челична четка, нели? И да не заборавиме, оџачарот има советодавна улога, уште при градењето, пред пуштањето во употреба на оџакот треба да направи а- тест на оџакот, да ја следи емисијата на отпадните гасови и нивниот состав, да води сметка за ложиштето, приклучните цевки, не само за оџакот. Во негова надлежност се и вентилационите системи и каналите за вентилација од кујнските аспиратори, кои имаат своја технологија на чистење. Станува сѐ покомплексно и покмплицирано, затоа е важна добра обука на оџачарите.

Со оџачарите се поврзуваат прекрасни приказни, примамливи особено за децата, на пример, ако видиш оџачар фати се за копче и замисли желба, или ако искинеш влакно од оџачарската четка желбата ќе ти се исполни. Дали новата генерација деца ги знае овие легенди? Како реагираат децата кога ќе ве видат?

– Основна работа на еден оџачар е да носи среќа. Ако за тоа не го бидува, нема да биде добар оџачар. Шегата на страна, но, оџачарите се секогаш весели и позитивни луѓе кои со задоволство ги примаме дома. Ако се фатиме за копче, па уште и за копчето од палтото на оџачарот, ние директно сме се прикопчале на среќата. Ако скубнеме влакно од четката на оџачарот без никој да види, сме си обезбедиле среќа за подолг период, нашите желби ќе се исполнат. Секогаш кога сум одела на интервенции во Хрватска, децата ни дотрчувале во пресрет, на улица секогаш сме биле „госпон Димњачар“ и „госпоѓа Димњачарка“. Кога ќе не застанела сообраќајна полиција било: „значи, за денес сме си ја обезбедиле среќата, утре од каде ќе поминувате? И среќен пат, возете внимателно“. И децата и возрасните се среќни кога ќе не видат.

Младите како да не се заинтересирани. Иако постои формално тригодишно образование за оџачари, веќе три години по ред, никој не е се пријавил за упис во средно образование за оџачараство.

Можат ли младите да се најдат во оваа професија, се живее ли пристојно од оваа работа?

– Младите како да не се заинтересирани. Иако постои формално тригодишно образование за оџачари, веќе три години по ред, никој не е се пријавил за упис во средно образование за оџачараство. Секоја година се прават напори за привлекување и популаризирање, се зборува за предностите на оваа професија, но ништо не успева. Додуша, мината година проблем со упис имаше и во Хрватска, и во другите балканаски земји. Ако зборуваме за заработувачката, тоа е солидна сума. Во просек, за еден оџак во семејна куќа од два спрата, чистењето чини 1.000- 1.500 денари, во зависност од состојбата на оџакот. Може да се направат 4 – 5 интервенции во текот на денот, па израчунајте која е заработувачката. Значи, факт е дека може од оваа работа да се живее повеќе од пристојно.

И покрај конкурсите од Град Скопје за обука на оџачари, одзивот како да не беше голем. Недостига ли соодветен маркетинг, концепт, идеја како да се претстави оџачарството?

– Одзивот на обуките за оџачари навистина не беше голем. Завршија три групи на оџачари за чадоводни инсталации кои користат цврсто и течно гориво во објекти за домување, вкупно 20 лица. Тоа е малку за еден град како Скопје, а да не зборуваме за Македонија, колку се потребни современи оџачари со солидни квалификации и компетенции. Не беше проблем маркетингот, тука многу се направи. Концептот е солиден, според сите закони и прописи кои се во важност. Идејата е тука, полека се спроведува. А сепак, луѓето, едноставно, не се заиннтересирани, не само за оваа професија, туку и за многу други кои се дефицитарни и кои нудат одлична заработувачка.

Какви жени ве инспирираат, на кави жени се восхитувате?

– Ретко кога размислувам на поделбата жени, мажи, особено кога некому му се восхитувам, нема важност дали е жена или маж. Ме восхитуваат големите уметници и оние луѓе кои направиле позитивна промена во светот, кои ги придвижиле работите, кои се избориле за нешто што е важно за сите. Луѓе кои се надраснале самите себе и средината од која доаѓаат. Инспирација наоѓам во малите нешта, булките на кеј, поезијата на Томислав Домовиќ, сликите на италијанската ренесанса, ритамот на Бразил, сензуалноста на Шри Ланка, насмевката на Кира, успесите на Јаков….и моите пријатели.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот