Од очниот преглед им се „темни“ на родителите

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Уписите на првачињата во земјава, кои се почнати и ќе траат до крајот на мај, им донесоа нови главоболки на родителите – покрај сите други документи, за идните првачиња треба да се достави и потврда за извршен офтамолошки преглед, а тој не може да се закаже во краток рок, се жалат родители.  

Годинава, покрај извод од матична книга на родените, потврда од извршен систематски преглед, потврда за извршен забен систематски преглед, потврда за примени вакцини, за првпат е потребно да се приложи и потврда за извршен очен преглед. Уште една новина е тоа што оваа година за првпат, освен директно во училиштата, документите за упис може да се поднесат и електронски, преку системот e-uslugi.gov.mk.

И двете новини оваа година донесоа проблеми за родителите. Тие се жалат дека нема слободни термини за преглед кај офтамолог на државно, а образовните инситутуции не ги признаваат прегледите извршени во приватни офталмолошки ординации, што претставува дополнителен проблем.

– Нема место за преглед, добивме упат, но не и термин за очен преглед. Се надевам дека ќе се направи отстапка и оваа година ќе може да се запишуваат првачиња без таа потврда. Секако, децата имаат систематски прегледи од училиштата, не знам зошто сега се бара оваа потврда, особено во време на пандемија – вели Златко Мирчев за „Слободен печат“, родител на дете од Скопје кое од септември треба да биде првооделенц.

Родителите ги закажуваат прегледите преку матичните лекари, а според нив најголемиот проблем е малиот број офтамолози во земјава, па решението се гледа доколку „Мој термин“ направи посебни термини за дечињата кои треба да станат првачиња.

– Имаме премалку државни офтамолози и тоа е првиот проблем, Секојдневно се јавуваат родители за да закажат преглед.  Треба да се овозможат посебни термини преку „Мој термин“ за идните првачиња, за да дојдат сите на ред, инаку ќе има премногу чекање – вели матична лекарка за „Слободен печат“ која побара да остане анонимна.

Од МОН, сепак информираа дека поради состојбата, потврдата од очен преглед ќе може да се донесе до почетокот на учебната година, односно до први септември.

Некои родители се жалат и на проблеми со онлајн апликацијата.

– Онлајн апликацијата требаше да ни ја олесни работата, а не да ни ја искомплицира. Не можам да се снајдам, можеби е до мене, но ова делува премногу сложено – вели Иван Иванов, родител од Штип, кој се намачил да се снајде со електронскиот начин на поднесување на документите за упис на своето дете во прво одделение.

Родителите треба да се најавуват на  интернет страницата uslugi.gov.mk  со корисничкото име што го имаат добиено од УЈП и таму да ги „прикачат“ потребните документи, а потоа од училиштата вршат увид кои ученици се пријавени. Некои родители велат дека имале проблем да ги прикачат документите, па за секој случај однеле документи и во училиштата. Исто така проблем е што он-лајн платформата засега е само на македонски јазик, а од МОН нема одговор кога ќе биде достапна и на другите јазици.

Родителите со кои контактиравме велат дека некои училишта имаат своја официјална страница, на која исто така постои можност за упис на првачиња, а според искуствата на родителите тоа е полесен начин.

– За среќа, на страницата на нашето училиште имаше можност за пријавување, туку успеавме тоа да го сториме без проблем, додека платформата за упис е катастрофа – вели Мирчев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот