Од нон-пејпер до тоалет-пејпер!

Според Мицкоски, Јанша му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон-пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.

Секој обид за прекројување на границите ќе доведе до дестабилизација на Балканот, а постои можност за отстранување на границите и тоа единствено преку членство во Европската Унија и влез во Шенген зоната, порача македонскиот државен врв во врска со наводниот нон-пејпер, кој словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно во февруари го испратил до Брисел и неколку дестинации во ЕУ, насловен како „Западен Балкан-патот напред“.

Нон-пејперот предизвика контроверзи, поради тоа што во него се предлага менување на границите на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, но и на Северна Македонија. Јанша од излегувањето на нон-пејперот во јавноста не даваше коментари, за потоа да демантира дека таков документ постои.

– На ниту една од средбите кои сум ги имал со претседателот на Словенија Борут Пахор во изминатиот период, не е разговарано за прекројување на внатрешните или надворешните граници на Балканот, дециден е претседател Стево Пендаровски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во интервју за Канал 5 обелодени дека разговарал со Јанша и оти тој му пренел дека таков документ нема. Според Мицкоски, Јанша му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон-пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.

Европратеникот Пицула ги отфрли овие обвинувања како невистинити.

– Јас целосно ги отфрлам и осудувам обвинувањата и лагите на г. Мицкоски и сметам дека неговото однесување е доста навредливо. Како што секогаш бев, така и ќе останам силен поддржувач на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји од Западен Балкан. Нема да дозволам господин Мицкоски да ме вовлече во неговата валкана игра. Но, мора да се каже, ова е во согласност со претходните обиди на ВМРО -ДПМНЕ да се обиде да ја нападне социјалистичката Влада на Зоран Заев и нејзините европски сојузници. Ова оди заедно со поддршката на нивните сопствени сојузници во Будимпешта, каде нивниот лидер Груевски избега од кривично гонење и во другите истомисленици во главните градови, изјави Пицула.

И министерот за надоврешни работи Бујар Османи ги коментираше изјавите на Мицковски.

– Вовлекувањето од страна на лидерот на опозицијата на премиер на пријателска земја, на ваков нон-пејпер без автор, во внатрешната политичка дебата, е најмалку несмасно и може да го наруши и имиџот на земјата, меѓутоа и пријателските односи коишто ги имаме и со Словенија па и со другите држави, рече Османи.

Фамнозниот нон-пејпер го коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Не сум видел никаква мапа, никаков план. Тоа што на некои не им одговара да се зборува за тоа, само сакаат тоа да и го припишат на Србија, тоа многу повеќе зборува за нив, изјави Вучиќ.

Вучиќ истакна дека се залага за постојните граници, што, како што нагласи, значи Србија со целото Косово, почитување на интегритетот на Република Српска, во рамките на Босна и Херцеговина.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ со погрдни зборови го нарече наводниот документ за промена на границите на Балканот, изразувајќи надеж дека тој не потекнува од Словенија.

– Секое мирно разидување, Хрватска до Дрина, Белград до Уна – тоа не доаѓа предвид! И во таа смисла, таа хартија е големо сра*е, рече Милановиќ.

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано завчера изјави дека приказната што ја објавија некои портали во БиХ дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал неофицијален дипломатски документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, е измислена.

– Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи, изјави Стано.

Видео на денот