Од наредната недела почнуваат контролите за кесите, првично без казнување

Пластични ќеси за пазарење 3
Пластични кеси за пазарење - фото: Драган Митрески - Слободен печат

Како што може на прв поглед да се види, трговците се подготвени и се придржуваат до законот, вели Анета Симоска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Пазарните инспектори од наредната недела ќе почнат да контролираат дали трговците се придржуваат до новите законски правила за биоразградливите кеси и дали наплатуваат по 15 денари, но за почеток нема да има казни, туку превентивни укажувања, вели за „Слободен печат“ Анета Симоска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Пазарната инспекција е надлежна само во делот на трговијата, што е прилично мал дел, а целата останата надлежност ја има Инспекторатот за животна средина, додава Симоска.

– Ја скенираме состојбата, а со контролите ќе почнеме наредната недела, но првично нема да има казни, туку само ќе укажуваме. Нашиот дел е само во контролата кај трговците, односно ќе проверуваме дали ги почитуваат новите еко-правила за кесите. Како што може на прв поглед да се види, трговците се подготвени и се придржуваат до законот – објаснува Симоска.

Министерот за екологија Насер Нуредини во интервју за ТВ Сител, пак, изјави дека Државниот пазарен инспекторат е контролниот орган според Законот за управување со отпад.

– Ние како институција не казнуваме, туку предлагаме закони и правиме реформи. Ќе ги поддржиме инспекторите да си вршат работата и да ги казнат оние што не го почитуваат законот. Не ги знам точно износите на казните кои се предвидени, затоа што се надевам дека никој нема да биде казнет и дека сите ќе го почитуваат законот – изјави министерот Нуредини.

Видео на денот