Од меракот на Бајден за Косово може да ќари и Македонија?

US President Joe Biden prepares to speak briefly to the media before departing the White House for a short visit with wounded veterans at Walter Reed Medical Center in Washington, DC, USA, 29. Bidens Depart for Walter Reed National Military Military Center, Washington, District of Columbia, USA - 29 Jan 2021,Image: 587081938, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: - / Shutterstock Editorial / Profimedia

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе влијае побрзо да се надминат проблемите на Балканот, со цел регионот да стане постабилен, при што најголемиот фокус ќе биде на односите меѓу Србија и Косово, но се очекува и притисок за решавање на спорот што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија во врска со историјата и идентитетот, сметаат аналитичарите.

Претседателот Бајден вчера од претседателот на Србија Александар Вучиќ побара „да преземе тешки чекори што ќе доведат до стабилизација на односите со Косово и меѓусебно признавање“, што најавува дека потезите на САД на Западен Балкан ќе се влечат многу побрзо отколку што се очекуваше.

Неодамна Германија соопшти дека Западен Балкан е еден од итните шест приоритети на заедничката надворешна политика со САД.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека американската надворешна политика има три приоритети за решавање на Балканот: проблемот Србија-Косово, евроинтеграцијата на Македонија и Албанија во ЕУ, а со тоа и решавањето на проблемот со Бугарија и ситуацијата во Босна и Херцеговина. Според него, во Босна состојбата е најкомплицирана и таму побавно ќе се влечат потезите, а заради итноста, прв приоритет ќе биде Косово.

– За македонско-бугарскиот спор, притисокот од САД ќе биде насочен и кон Македонија и кон Бугарија. Тоа така се прави, се притискаат двете страни и која страна прва ќе попушти, ќе добие полоша позиција. Сепак, очекувам дека стратешки притисокот ќе биде малку поголем кон Бугарија отколку кон Македонија. Тоа не значи дрка ние треба да се опуштиме и дека ќе седиме на трибини и ќе гледаме како САД „им ги кршат коските на Бугарите“. Тоа нема да се случи – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека американска администрација ќе покаже дека со своите потези и политики повторно е синхронизирана со Европската Унија. Додава и дека кај нив вакцинацијата оди добро, имаат повеќе вакцини отколку што може да вакцинираат, и затоа можат да се посветат на надворешните прашања среде пандемијата со ковид-19.

Според професорот Нано Ружин, политиката на Бајден ќе биде насочена кон Балканот како подрачје од геостратешки интерес, каде не треба да се дозволи да расне евроскептицизмот на сметка на руските интереси.

– За разлика од политиката на Доналд Трамп, која беше некој вид полуизолационизам, Џо Бајден уште во кампањата најавуваше дека ќе води поактивна политика за ревалоризација на позицијата на САД во меѓународните односи, почнувајќи од Кина, Блискиот Исток, Иран, односите со соседот Мексико итн., а најавија и дека ќе бидат повеќе присутни во регионот за да се решат проблемите меѓу Белград и Приштина. За Македонија досега не рекоа ништо, Македонија се смета за стабилна држава и тие имаат почит кон нашиот НАТО-статус. Косовското прашање за нив е примарно на Западен Балкан, пред сѐ заради важноста на оваа зона на Коридорот 10 во геополитиката, а и заради пренагласеното присуство на Кина и Русија во Србија. Кинескиот претседател вели дека тука минува Патот на свилата, Русија има свои интереси, а важна е и опасната политика на Турција, за која одамна е надминато мислењето дека е нивниот пион и Тројански коњ во Европа. Затоа и Македонија е битна и интересна за САД – вели Ружин за „Слободен печат“.

Долгото останување на Македонија надвор од ЕУ ќе го зголеми евроскептицизмот и ќе придонесе наместо сегашната проевропска, да дојде на власт гарнитура со проруски интереси, вели Ружин и затоа САД ќе влијаат и на Скопје и на Софија. Според него, има начини да се влијае на Бугарија, која во 2024 година сака да го воведе еврото и ЕУ може да ја притисне ако сака евро да не ја уценува Македонија, ама не го прави тоа.

– Германската канцеларка Ангела Меркел наскоро заминува и водечка фигура во Европа ќе биде францускиот претседател Емануел Макрон. Македонија мора да ја зајакне позицијата во Франција. Нашата дипломатија се држи пасивно, еве уште немаме амбасадор во САД. Наместо да пробиваме, ние се плашиме, што се покажа и со набавката на вакцините. Како мала држава треба да преземаме повеќе иницијатива, да поставуваме искусни амбасадори. Проблемот со Бугарија треба да почекаме и да го решаваме после изборите таму, кога нивната позиција кон Македонија ќе попушти. Сметам дека не е точно дека изборите нема да променат ништо, нормално е дека тие ќе зборуваат така, но, идната бугарска влада секако ќе биде поприемчива – вели Ружин.

Акцискиот план да се усвои на Меѓувладината седница

Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува дека Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство ќе биде усвоен на следната седница на Меѓувладината комисија на Македонија и Бугарија, за која се надева дека ќе се организира што побрзо.

– Очекувам дека акцискиот план ќе биде основа за протоколот на следната седница на меѓувладината комисија – рече Османи на заедничката прес-конференција со словачкиот колега Иван Корчок, на која тој истакна дека Словачка недвосмислено, јасно и принципиелно ја поддржува Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Шефот на словачката дипломатија се надева дека преговарачката рамка за ЕУ ќе биде усвоена за време на португалското претседателство со Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот