Од „мала, грда, глупава девојка“ до „божествената Сара“, животната приказна на жената која го потресе Париз облекувајќи панталони

фејсбук

Славена е како најголема глумица на преминот од 19 во 20 век, а во својата кариера го поминала патот од „мала, грда, глупава девојка“ до „божествената Сара“. Го потресла Париз облекувајќи панталони, но и со многубројните љубовни афери.

Хенриета Розин Бернар била родена на 22 октомври 1844 година во Париз, како вонбрачна ќерка на еврејска Холанѓанка и француски католик. Татко ѝ ја испратил на школување во женски манастир, но кариерата и тргнала во друга насока под влијание на љубовникот на нејзината мајка, војводата де Морни, кој ја советувал да продолжи на Конзерваториумот по глума.

„Не сакам да бидам глумица!“, вреснала тогаш 15-годишната Сара, но тој врисок не траел долго. Патот кон ѕвездите го започнала во театарот „Одеон“, каде што ја забележал во една претстава славниот Виктор Иго кој се вљубил во неа и почнал да пишува позитивни написи за нејзината појава и глума и оттогаш „малата, грда глупава девојка“, како што ја нарекувале, станала „единствена, посебна и божествена“.

профимедиа

Во почетокот на 1870-те патувала низ Европа и САД, веќе многу славна, напуштајќи го театарот Одеон. Во Франција го задржила имиџот на „божествената Сара“ која била позната не само по својот специфичен глас и шарм туку и по своите многубројни таленти, била сликарка, вајарка, писателка, а подоцна и деловна жена што го водела сопствениот театар и продуцирала претстави во кои глумела.

Го скандализирала, ама и го разубавувала Париз носејќи панталони, играјќи машки улоги, како и со многубројните љубовни афери од кои некои биле и со жени. Нејзиниот нежен глас во голема мера придонел за магијата со која оваа жена, со црвена кадрава коса и витко тело, заведувала сѐ околу себе. Обожавателите го сакале нејзиното ексцентрично однесување, имала храброст да го води животот како што знае и како што сака. Била прочуена по екстравагантноста и била нарекувана „мајка на сите диви“.

фејсбук

Во 1899 година го презела Националниот театар во Париз кој ќе го прекрсти во Театар на Сара Бернар, отворајќи го со еден од своите најславни настапи, главната улога во претставата „Тоска“. Меѓу многубројните претстави играла и во „Дамата со камелии“ на Александар Дима, кој за неа  запишал дека „не може да ѝ се верува на оваа жена бидејќи често измислува благодарение на нејзината бујна фантазија“.

Овој театар, Сара го раководела сѐ до сопствената смрт, кога го презел нејзиниот син, Маурис Бернар, а и по неговата смрт театарот го задржил името Сара Бернар сѐ до германската окупација во Втората светска војна, кога бил прекрстен поради нејзиното еврејско потекло.

Многумина ја запомниле и како една од првите глумици на немиот филм во кој дебитирала во 1900 година, во двеминутниот филм „Хамлет“. Настапила уште во осум филмови од кои два биографски.

Од љубовната врска со белгискиот благородник Шарл Жозеф Ламорал де Лињ имала едно дете, синот Маурис, кој не само што го носел презимето на мајка си туку и работел како менаџер на театри и уметници, а подоцна менаџирал и со нејзината кариера, иако целиот живот зависел од нејзините пари. Благодарение на светската слава на неговата мајка, Маурис се оженил со полската принцеза Марија Јаблоновска.

Не само што ја обожавале мажите, Сара имала и дузина славни блиски пријатели, меѓу кои и Густав Доре, Жорж Клеран, Виктор Иго, Алфонс Муха… Се зборувало и дека средбата меѓу Тесла и Бернар била фатална, и двајцата знаеле добро кои се и што значат нивните имиња, но сепак, веројатно, тој бил единствениот маж што ја има одбиено Сара сметајќи ја за пречка во неговата работа.

фејсбук

Во 1882 година, во Лондон се омажила за актерот Дамала и бракот траел до неговата смрт во 1889 година. Починал млад на 34-годишна возраст од зависност од морфиум. Пред крајот на бракот Сара била во врска со идниот англиски крал Едвард Седми, додека тој сè уште бил принц од Велс.

фејсбук

Во 1905 година при еден настап во омилената претстава „Тоска“ во Бразил, Сара си го повредила коленото а ногата никогаш не можела да ја излечи сосема, па десет години подоцна и била ампутирана поради гангрена. Речиси истовремено, поради проблеми со грлото, го загубила волшебниот глас. Но тоа не ја спречило да продолжи да настапува, со протеза на ногата, сѐ до својата смрт во 1923 година како последица на откажување на бубрезите.

Сара Бернар има своја ѕвезда во Лос Анџелес на улицата на славните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот