Од Македонија допатувале со пелени полни со злато, на Прешево останаа и без накит и без автомобил

Фото: илустрација

Двајца патници на граничниот премин Прешево се обиделе преку српската граница во пелени да прошверцуваат златен накит чија вредност се проценува на над 2,2 милиони динари, соопшти Царинската управа на Србија.

Цариниците го откриле прекршокот кога автомобил „фолксваген пасат“ со швајцарски регистарски таблички, со кој млад брачен пар се движел од правец на Македонија кон Швајцарија, бил издвоен за детален преглед на влезот на граничниот премин Прешево.

Иако рекле дека немаат што да пријават, царинскиот службеник при преглед на автомобилот, пред совозачкото седиште пронашол торба во која меѓу другото имало и неотворено пакување пелени.

Необичната тежина на амбалажата на пелените предизвикала сомнеж дека нешто се крие во неа, што набрзо се покажало дека е вистина, бидејќи во неколку пелени откриени се речиси половина килограм златни ѓердани и алки со дукати „Франц Џозеф“, како и синџирчиња и прстени.

Бидејќи вредноста на откриениот накит надминува една третина од вредноста на возилото, со судската одлука, покрај златото, трајно е одземено возилото проценето на над еден милион динари.

Видео на денот