Од Лига Европа до Втора лига: Како пропадна Вардар?

Фото: fkvardar.mk

Вардар во 2017 година стана првата екипа во историјата на македонскиот фудбал која успеа да се пласира во групна фаза во едно од натпреварувањата на УЕФА, Лига Европа.

Пред да се пласираат во групите, „црвено-црните“ направија сензација елиминирајќи го турскиот гигант Фенербахче.

Тоа требаше да биде почеток на една нова ера, можеби да им се доближи на Динамо Загреб и Црвена звезда како најдобри екс-ју претставници, но се случи нешто спротивно.

Оваа пролет Вардар испадна од Првата лига, после само еден триумф во календарска 2021 година.

За „Моцарт Спорт“ зборуваа членовите од легендарната генерација на скопскиот великан, Дарко Панчев и Илија Најдоски.

Обично се вели дека клубовите од овие простори треба да имаат или добар тим или добра поддршка надвор од канцелариите на клубот. Вардар некаде се изгуби…

Неодамна, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека не може да преземе клуб со долг од 3.500.000 евра. Вардар ја заврши минатата сезона како шампион, но заминувањето на рускиот олигарх Сергеј Самсоненко од кормилото на клубот остави голема финансиска дупка.

– Кога се пласиравме во Лигата на Европа, им реков на луѓето во клубот, дури и на шефот, дека немаме тим што може да биде конкурентен. Едноставно го немаме, ние сме премногу слаби. Од УЕФА добивме пет милиони евра, со тие пари можевме да проектираме буџет за следните три сезони. Тоа е голема сума кога станува збор за македонскиот фудбал. Сепак, не ја препознав желбата дека навистина се работи на засилување на тимот. И јас бев во право. Реал Сосиедад ни даде шест гола, Зенит пет. Успеавме да одиграме нерешено само со Розенборг на домашен терен – се сеќава тогашниот спортски директор на ФК Вардар, Панчев.

А тоа лето, Вардар стана најубавата приказна во европските квалификции. Прво, во квалификациите за Лигата на шампионите, беше елиминиран шведскиот Малме, тим што денес би претставувал сериозна коска за Динамо и Црвена Звезда. Подоцна се направи сензација во двомечот против Фенербахче. Но, задоволството од сработеното ги изеде челниците на Вардар. Или тоа беше едноставно план.

– Навистина сакав да направам сериозен тим за Балканот. Сега кога сè е готово, можам да ви откријам дека тогаш веќе го договорив доаѓањето на најдобар стрелец во втората турска лига. Јас барем знам да го препознаам напаѓачот. А овој беше вистинскиот. Тој сакаше да дојде и да игра за нешто повеќе од 200.000 евра. Близу до трансфер беше и еден Израелец. Сепак, тие го одбија сето тоа – се зборовите на Панчев кој исто така додаде дека желба беше да се ангажира и Милан Павков од Црвена звезда како позајмица.

Свој коментар околу ситуацијата со ФК Вардар даде и Најдоски:

– Кога Дарко Панчев ме покани во Вардар да му помогнам во спортскиот сектор, знаев што ќе се случи. Знаев, но не можев да го одбијам. Служевме тука како покритие, за да не биде виновен газдата. Ние му донесовме многу пари на клубот преку Лигата на Европа, но за нив како ракометот да им беше подраг – вели Најдоски.

Фото: fkvardar.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот