Од короновирус почина свештеникот што тврдеше дека Бог е поголем од вирусот

Бискупот Џералд Глен, пастор и основач на Евангелистичката црква „Ново Спасение“ во Вирџинија, починал во саботата од компликации од заразата со коронавирус, соопшти во неделата неговата црква, пренесува CNN.

И покрај предупредувањата од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во кои се препорачува избегнување масовни собири и одржување социјална дистанца, Глен за време на проповедта на 22 март рекол дека „цврсто верува дека Бог е поголем од овој ужасен вирус“ и објавил дека не се плаши да умре.

Следниот ден властите издадоа наредба со која се забрануваат сите јавни и приватни собири со 10 или повеќе лица.

На 4 април ќерката на Глен објави видео во кое се вели дека нејзиниот татко и неговата сопруга Марсетија Глен биле позитивни.

Евангелистичката црква побара на својата страница на Фејсбук „да му се дозволи на семејството да тагува на свој начин“.

„Покрај жалоста за смртта на семејниот патријарх и духовен отец, тие имаат и други членови на семејството, кои се борат да ја преживеат оваа ужасна пандемија“, се вели во црковната објава.

Видео на денот