Од клучно значење е кој и како ќе им го пренесува знаењето на учениците

Би било добро новинари и уредници да гостуваат на часовите, односно да им делат совети на учениците, сметаат новинарските организации.

Медиумската писменост и критичкото мислење од следната учебна година ќе бидат интегрирани во сите наставни предмети за учениците од прво и четврто одделение, а како што најави министерката за образование Мила Царовска, на тој начин сите деца од најмала возраст ќе учат како да распознаваат лажни вести.

– Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме како Владата и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести, ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести – нагласи Царовска.

Од МОН за „Слободен печат“ велат дека во моментов се посветени на обука на наставниот кадар.

– МОН интензивно работи и на подготовка на наставниците да знаат да го пренесат критичкото размислување кај учениците. Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на јакнење на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготни за реализирање на новите наставни програми – велат од МОН.

Родителите негодуваат

 

Набргу откако по медиумите и социјалните мрежи се појави веста оти медиумската писменост ќе се воведува во образованието, следуваше бура од коментари на родители, од кои повеќето не се согласуваат децата во прво одделение медиумски да се описменат. Според дел од родителите, децата прво треба да научат да пишуваат и да читаат. „Оставете ги децата на мира“, „Престанете да ни ги манипулирате дечињата“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи, со кои родителите го искажуваат незадоволството од споменатата реформа.

– Сите промени се нездрави и несфатливи. Учениците не знаат да читаат, а ќе учеле медиумска писменост, глупости. За жал, во последниве неколку месеци секоја нова „реформа“ на министерката е посмешна од претходната – вели Виолета Соколова од Скопје, мајка на иден првоодделенец.

 

Медиумските организации со поддршка

 

Медиумските организации, за разлика од родителите, пак, сметаат дека е добро децата од најмала возраст да се учат да распознаваат лажни вести и критички да размислуваат. Од Самостојниот синдикат за медиуми (ССНМ), сметаат дека воведувањето на медиумската писменост ќе им биде од корист на учениците, но со добра адаптирана програма.

– ССНМ смета дека, во основа, воведувањето на медиумската писменост во училиштата е позитивна работа од која, според експертите, резултатите би можеле да се почувствуваат по неколку генерации. Прашањето дали е подобро да се учи во прво одделение или подоцна сепак, го оставаме на стручните лица чија основна професија е образованието на младите. Сепак, сметаме дека возраста на која ќе почне да се изучува оваа материја е помалку важна од соодветноста и адаптираноста на програмата – велат од ССНМ за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат и дека би било добро новинари и уредници да гостуваат на часовите, односно да им делат совети на учениците.

– Предавањето на деца од основно одделение е стручна работа за која треба посебно образование и обука, но гостувања на новинари, уредници, фотоновинари или видеоновинари секако дека би било дополнителна вредност во образованието по овој предмет – нагласуваат од ССНМ.

Претседателот на ЗНМ пак, Младен Чадиковски, за „Слободен печат“ вели оти медиумската писменост се учи од најмала возраст и е од примарна важност во дигиталната ера во која живееме.

– Многу истражувања укажуваат дека младите растат со интернет, дигитални медиуми и технологии. Токму затоа од примарна важност е да станат медиумски писмени. Да бираат што ќе читаат, што ќе слушаат или гледаат преку дигиталните алатки. Колку порано ја развијат вештината за медиумска писменост, толку потешко ќе паѓаат во замките да бидат уловени од морето дезинформации кои го загадуваат дигиталниот простор, а уште поважно ќе научат како да бидат безбедни во сајберпросторот – додава Чадиковски.

Тој објаснува и оти е многу важно кој ќе им го пренесе ова знаење на учениците.

– Што се однесува до прашањето кој треба да го пренесува знаењето, мора да сме на чисто дека ова е од клучно значење. Децата мора да ги описменува некој кој има вештини за дигитална и медиумска писменост. Секој друг обид може да придонесе за половичен успех, кој за жал, долгорочно може да донесе штета – заклучи Чадиковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот