Од кандидат за премиер до наследник на Иџет Мемети: Насер Зибери избран за народен правобранител

Насер Зибери / Фото: Фејсбук - ДУИ

Насер Зибери вечерва е избран за нов народен правобранител. „За” гласаа 61 пратеник од вкупниот број на пратеници во Собранието, како и 26 од 41 пратеник од заедниците кои не се мнозинство. На гласањето не присуствуваа опозициските пратеници. Зибери ќе ја наследи функцијата омбудсман од Иџет Мемети.

Откако беше одбиен предлогот на опозициските партии да се изостави од дневниот ред Предлог-одлуката за избор на Народен правобранител, 32-рата седница попладнево продолжи со расправа по предлогот на ДУИ, Насер Зибери да ја извршува функцијата омбудсман. Зибери е правник, работи како нотар, поранешен пратеник и министер, а пред шест месеци беше кандидат за премиер од партијата ДУИ која сега го предложи за функцијата.

Токму тоа беше и најспорно за пратениците од опозициските партии, според кои се работи за „пазарење со кое владеачката партија му враќа на Зибери за неговата услуга да ја прифати кандидатура за прв премиер Албанец” на изборите пред шест месеци. Бараа повлекување на предлогот зашто сметаат дека е контрадикторен и неморален бидејќи народен правобранител треба да е аполитична личност.

Со партискиот бекграунд, смета опозицијата, кандидатот ќе нема доверба од јавноста, нема да ги штити интересите на граѓаните кога ќе бараат заштита од државни и јавни институции што ги раководат функционери и од ДУИ.

Хусни Исмаили од „Алтернатива“ рече дека со овој предлог се жртвува правдата и иднината на граѓаните. Побара од ДУИ да го повлече предлогот за, како што рече, „да не ја компромотира последната надежна инстутуција”, а и самиот Зибери да се откаже од оваа кандидатура „за да не му остане дамка во кариерата”.

– Го прошетаа во јулските денови по села и градови, ги издржа сите страдања зашто математиката и договорот беше друг и дојде денот да се награди за трудот. Осум години народен правобранител и потоа да се пензонира. Лично не го познавам, но жалам што кариерата ќе ја затвори со вакви пазарења. Тој секогаш ќе биде заложник на тие што го ставиле на должноста и ова е лоша порака, рече Исмаили.

Повлекување на предлогот побараа Сурија Рашиди од „Алијанса за Албанците“ и неговиот сопартиец, Халил Снопче, кој рече дека во член 3 од Законот за Народен правобранител е наведено дека кандидатот треба да е независен, а тоа што само пред пола година бил партиски кандидат за премиер рече е уште еден парадокс во нелогичните феномени во државава. Додаде дека независна и непартиска личност за омбудсман е особено важно за заштита на граѓаните во земја со нефункционално судство.

Од ДУИ го бранеа предлогот со укажување дека Насер Зибери ги исполнил условите и дека за кандидат за народен правобранител никаде не е наведено дека не може да се кандидира за премиер.

– Насер Зибери е 20 години нотар, од 2002 година не се занимава со политика, 20 години е независен, рече Бедри Фазли од ДУИ зборувајќи за предлогот.

Поддршка за кандидатурата во текот  на расправата искажа и пратеникот Панчо Минов, кој пофално зборуваше за Зибери како правник и пратеник.

Гордана Силјанова-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го нарече „многу чуден предлог” со кој не му се прави добро ниту на кандидатот и неговата кариера. Од Рим до денеска, рече таа, народен правобранител е аполитична функција и не е важно дали имал пауза во политичкиот живот кога веќе бил министер, пратеник и кандидат за премиер.

– Неприродно е довчерашниот политички статус да се трансформира во граѓански, неутрален и професонален и статус кој треба да им служи на граѓаните да ги штити од лошата администрација. Нема да ги штити некој кој преку партискиот мост постојано ќе биде блиску до администрацијата, а извештаите за нашата администрација велат дека е партизирана, политизирана и поданичка. Ако сте партиски човек, ќе одите по таа траекторија, рече Силјановска-Давкова.

Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, Општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет. Бил висок функционер на ПДП, а од 1996 до 1998  министер за труд и социјална политика во Владата на Бранко Црвенковски. Пред да стане политичар, бил новинар. Повеќе години не е активен во политиката и работи како нотар, а за Парламентарните избори во јули минатата година беше кандидат на ДУИ за претседател на Владата, промовиран под слоганот „прв премиер Албанец”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот