Од каква содржина е направено презимето Мицкоски? – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Од каква содржина е направено презимето Мицкоски?

Од ништо не се состои, да бидам совршено искрен – од апсолутно ништо. Тоа ништо беше само една содржина за врескање по митинзи, тоа ништо беше направено за „оргијање“ зачинето со масовни прислушувања и ќотеци, тоа ништо беснееше низ цела Македонија, а денес ни вели дека се смирило, се променило, и ја „погледнало реалноста“ в очи?

Не е на одмет уште еднаш да поминеме на главната поента, од проста причина што работите се многу посериозни одошто ни изгледаат на „прва рака“. Ако по тој повод ги земеме предвид оние што вистински сакаат да размислуваат, а притоа држат и до сопственото мислење, држат до своето верување, па дури држат и до некој историски фрагмент, тогаш, ми се чини, забораваат вистински што претставува Мицкоски во политичкото поле, дури откривам и латентна „депресивна објективност“ на разните навредени и разочарани „опозиционери“.

Со други зборови, сакам да ви укажам на довербата, почитувани читатели, а тоа го оправдувам со вашето присуство на овој „колумнистички столб“, сакам да удрам „памфлетски“, да ве вратам на суштината на нашата политичка саморефлексија, поточно да ве вратам на самото извориште на тоа што претставува презимето Мицкоски во политичка смисла, „до“ и „по“ изборите. Сè со цел, да не се случи нешто за кое сите ние подоцна ќе жалиме, а богами и ќе чувствуваме непријатност во нашите срца и умови.

„Политичко бебе“

Имено, денес Мицкоски за многу „продемократски“ пера во нашата земја претставува „политичко бебе“. И, во ред е тоа, нека им е, нека си го лулкаат, немам лично проблем со тоа. Мене во овој текст ме интересира што е тоа што го обликува него и го доведе до тука. „Го доведе до тука“ значи дека Мицкоски се трка за премиер, и зошто некои од нас (оти, јеби га, не сме сите така еманципирани како „продемократските“ пера кои се вечна „дисидентарија“ во оваа земја?) во тоа не гледаат никаков проблем: Мицкоски за премиер? „Аха, океј, само Заев да не е“, така размислува овдешниот „интелектуален горостас“.

Но, да се вратиме сега на суштината: од каде изникна Христијан Мицкоски? Изникна од историскиот мрак на „груевизмот“, односно изникна од една неартикулирана, бизарна, еклектична и социјалромантичарска партија која дозира по потреба мек (и тврд) национализам. Што содржат нивните „митинзи“ и политички пораки? До половина соц-реализам, од половина нагоре параправославно масовно урлање и врескање на едно големо „ништо“, хистерични тетки со „ладни или трајни фризурчиња“, ритуали зачинети со нарцизам и самооплакување… Покрај сè, тоа, ете го и Христијан Мицкоски, техничар од Скопје, без никаков јасен политички беграунд, никакво „дисидентство“ позади себе или стаж како вистински опозиционер, па ете, гледаме, сака човекот да се занимава со „политика“. И тоа во нереформираната партија на Никола Груевски, човек што побегна од својата земја поради тешки кривични дела, а пред тоа беше главен „селски поп“, предводник на селски битанги и градски криминалци кои сите беа скриени во шуплината која во тоа време се нарекуваше „партија за национално ослободување на Македонците“. Добро, сите гледаме дека Мицкоски не е дете, се гледа и тоа дека станува збор за возрасен човек што би требало да знае што сака од себе, а што сака од светот. Па, знае ли?

Да се биде некој

Не се огради од политиките на Груевски, повторно во таа партија ги собра истите злосторници што го персонифицираа и го легитимираа претходниот режим; повторно е опкружен со исти такви луѓе, а себеси се смета дека е возрасен и стабилен човек, кој за себе мисли дека има визија за нова „Обнова на Македонија“. Забележувате? Додека беше советник на Груевски, Мицкоски беше обична сенка, а денес Мицкоски има статус, пари, моќ, влијание. Сè она што во популарниот спектакл може да се нарече „да се биде некој“.

Добро, ама нели денес таа партија и лидерот Мицкоски се некои други, поинакви, „рехабилитирани“ луѓе? Добро, нели денес е една нова, поинаква партија? Нели денес тоа е една „добра“ партија? Размислувајќи на оваа тема, на ум ми падна Милован Ѓилас. Знам, тешка е таа паралела, знам, нема никаква врска Ѓилас со Мицкоски. Ама поентата ми е сосема друга: нели Ѓилас јавно се одрече од своите претходни верувања, согледувајќи ги ужасните консеквенции што ги поткрепуваа тие верувања: „надворешното“ и тешко самување, зачинето со повеќедецениско робување поради погрешните одлуки, и она „внатрешното“ низ кое ги преиспитуваше корените на „своите сопствени заблуди“.

Добро, Јовановиќу, што е твојата поента со овој и ваков Мицкоски? Па, видете, јас не очекувам од него дека ќе заврши во затвор поради „погрешните идеологии“, не верувам ниту дека ќе напише филозофска книга, само што свинштината настанува што Мицкоски и суријата од „ботови“ никако не ни даваат до знаење дека се оградуваат од Груевски, односно дека не гледаат ништо спорно во своето „довчерашно дејствување“. Не, тие до вчера беа радикални националисти (со сите, неретко крвави последици), а денес се нешто друго, не се знае точно што се, ама точно е дека вчера, а богами и денес, овие луѓе немаат проблем со самите себе, па оттука им е комплетно нејасно зошто некој би имал фундаментален проблем со нив. Нема вистинско сеќавање, нема саморефлексија, нема тука ништо. Апсолутно ништо.

Од што се состои тоа презиме Мицкоски? Од ништо не се состои, да бидам совршено искрен – од апсолутно ништо. Тоа ништо беше само една содржина за врескање по митинзи, тоа ништо беше направено за „оргијање“ зачинето со масовни прислушувања и ќотеци, тоа ништо беснееше низ цела Македонија, а денес ни вели дека се смирило, се променило, и ја „погледнало реалноста“ в очи?

Нема созревање без саморефлексија, пријателчиња. Сè друго е обична трица и шлајшупка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close