Од каде се снабдува северно Косово со стока? (ФОТО)

Во северните општини на Косово немало набавка на српски производи преку алтернативните патишта, велат официјалните претставници на косовската Влада, негирајќи ги изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека Белград ги снабдувал Србите на Косово со елементарните производи, најмалку за еден месец.

Министерот за внатрешни работи во косовската Влада, Екрем Мустафа во разговор за Радио Слободна Европа, вели дека не постои никаква индикација дека во северниот дел на Митровица влегле производи од државата Србија. Продавниците во северниот дел на Косово, според министерот Мустафа, се снабдуваат со стока од јужниот дел на Митровица. Тој вели дека во изминатите десет дена, Косово ја зајакнал контролата на алтернативните патишта.

– Сите зелени точки се контролираат од Косовската полиција во соработка со КФОР. Во последните десет дена на алтернативните патишта контролите се концентрирани повеќе. Значи, (изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ) е нивен притисок што сакаат да го направат. И на Самитот за Западен Балкан, кој се одржа во Полска, тие тврдеа дека ќе ги користат алтернативните патишта за да ја деградираат одлуката на косовската влада  – вели Мустафа.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот рече дека тој направил „добар дел од работата“ во снабдувањето на Србите на Косово за основните потреби, најмалку за следниот месец.

– Успеавме да обезбедиме добар дел, но како го направивме тоа нема да зборувам –  изјави Вучиќ за Српската Радио Телевизија .

За разлика од почетокот на минатата недела, кога продавниците во северно Косово беа затворени и тврдеа дека немаат елементарни производи, во моментов таму има набавка на производи, вклучувајќи ги и оние од Србија. Но косовските царински власти велат дека во последниве денови немало значителен увоз на српски производи, било законски или како обид за шверцување.

Пред неколку денови, бизнисмените во северно Косово ги затворија за два дена сите продавници, велејќи дека немаат снабдување со стоки од Србија поради 100-процентниот данок што косовската Влада го стави на целиот увоз од Србија и Босна и Херцеговина.

Еден бизнис-претставник во северниот дел на Косово, пак вели дека недостатокот на прехранбени производи се уште е видлив во сите продавници. Според него, има некои производи, но не во задоволителни количини.

Радош Петровиќ, претставник на Здружението на стопанственици од северно Косово, изјави за Радио Слободна Европа дека стоката доаѓа и од југот и од сите страни.

– Некои производи пристигнаа, но не се доволни. Исто така се забележува и недостиг на локални жители, луѓето се отидени на одмор, така што и побарувачката е помала, но од септември, кога луѓето ќе се вратат од одмор, сигурно ќе се забележи, доколку не се превземе или не се смени нешто – рече Петровиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот