Од Кабинетот на Сиљановска Давкова ќе побараат објаснување од Радев за знамето

Сиљановска Давкова и Радев во Софија/Фото: Претседател на Бугарија

Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија Румен Радев иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.

Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, велат од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Фотографијата на која Сиљановска Давкова и Радев се ракуваат пред бугарското знаме во неговиот Кабинет предизвика реакции во земјата.

Претседателот на опозициската партија СДСМ, Венко Филипче овој настан го опиша како „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.

Првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување, вели Филипче.

Од Левица реагираа дека „недостатокот на македонско знаме на официјален настан е срамно потклекнување пред Бугарија и уште една епизода од историјата на национално понижување кое почна со Договорот за добрососедство“.

Од политички лидери кои ветуваа чест и независност, Силјановска и ДПМНЕ се покажаа само како посредници на странски агенди. Наместо да ја следат волјата на народот кој ги избрал, големите патриоти исполнуваат желби на надворешни сили. Левица ја лоцира одговорноста и во протоколот на Силјановска, кој не смеел да дозволи ваков дипломатски дебакл и морал веднаш да интервенира – се вели во реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот