Од Јажинце до Пирок и од Шапка до Групчин: Тетовските пожарникари со над 500 интервенции досега во годината

Пожарникари / Фото: Архива

Тетовската противпожарна територијална единица надмина над 500 интервенции во текот на оваа календарска година, информира командантот Ука Алити. Најголем дел од евидентираните постапки се гаснење на пожари, а останатите се интервенции при сообраќајки и несреќни случаи како и извршување на дезинфекција низ градот.

– Над 80 отсто од 504 интервенции евидентирани досега во тетовската противпожарна единица се однесувааат на гаснење на пожари. Бројката подразбира дека секојдневно имаме по, речиси, две интервенции, а ако се знае дека од вкупниот број, речиси 80 проценти се пожари значи дека секој ден се гаси по еден пожар, вели командантот, Ука Алити.

Најголема проблем за пожарникарите и натаму претставува големата територија што ја покриваат, односно од Јажинце до Пирок и од Попова Шапка до Групчин. Тоа се Тетово и пет други рурални општини или околу 200.000 население, а во тетовската пожарна работат 70 пожарникари.

– Оддалеченоста за нас е најголема потешкотија, поточно навремено да се стигне и да се изгаси пожар. Руралните општини никако да покажат иницијатива да формираат свои единици или доброволни друштва од кои бараме само првично да интервенираат за да спречуваат поголеми пожари. Ние, секако, би биле тие кои би ги локализирале и ликвидирале огновите. Ние имаме села кои се далеку и по 30-тина километри или, пак, оние во планина до каде треба еден час за да се стигне, потенцира командантот Алити.

Проблеми има и во градот Тетово каде бргу може да се стигне до одредена улица, ама проблемите се јавуваат кога треба да се пристапи до одреден објект.

– Често пати се соочуваме со несовесни возачи и други сопственици на возила кои ги паркираат не мислејќи дека треба да има пат за пожарна и за брза помош. Најмногу ни е проблем нас пожарникарите, бидејќи треба да одиме до местото на пожар што побргу да бидеме ефикасни да го локализираме навреме тој пожар. Кај нас секундите се во прашање, а не минутите. Апелирам до нашите граѓани да бидат внимателни и да внимаваат каде ги паркираат и како ги парираат возилата да не ни бидат пречка нас пожарникарите, апелира Алити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот