Од исток почнаа да изгреваат закани кон Македонија

Целиот државен врв на соседна Бугарија изминатиот викенд упати сериозни изјави кон Македонија, во кои освен потврдата дека под никакви притисоци нема да ја отстранат блокадата на нашата евроинтеграција, упатија и заканувачи ноти дека „не можат да ги предадат 88.450 граѓани на Македонија кои имаат бугарско државјанство“, како и територијални претензии дека „Велес е бугарски град“. Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, изминатиот викенд рече дека веќе не е јасно во што е проблемот со источниот сосед, но и дека ќе продолжи да разговара затоа што „за  Македонија ЕУ е светост“.

Бугарското МНР потенцира дека нема да го промени ставот за Македонија.

„Бугарија ќе продолжи да им ги објаснува на нашите партнери бугарските проблеми во врска со РС Македонија. Очекуваме реален пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство. Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и со 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на РС Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, велат од МНР на Бугарија, пишува софиски „Труд“.

Заев веќе не знае што е проблемот, ама и натаму ќе разговара

По оваа изјава, премиерот Заев викендов од Прилеп и од Битола рече дека веќе не знае во што е проблемот со Бугарија и повторно објасни за што се разговара. Тој повтори дека фашизмот не е етнички и не треба да се поистоветува со бугарскиот народ, па затоа е подготвен да го избрише зборот бугарски од натписите „бугарски фашистички окупатор“ на спомениците.

–  Прилеп е градот на востанието, ние тоа ќе го славиме. Македонија не била администрирана, била окупирана. Фашизмот не смее етнички да го поврзуваме и треба да направиме чекори на разбирање, на внимателност спрема соседите – рече Заев во Прилеп.

Според Заев, треба да се постигнат европските вредности дома и „тоа ќе го правиме со блокади или без блокади“.

– Ние сме пријатели со Бугарија, треба да го решаваме проблемот, а јас не знам во што е проблемот. Дефиниравме дека долгото и краткото име на државата се едно исто, дека немаме територијални претензии, дека не се мешаме во внатрешните работи, вклучително и во малцинските прашања, и дека ќе се бориме против говорот на омраза. Предложивме нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо, и тоа е доказ за голема доверба. Согласен сум ако треба уште еднаш да ги дефинираме работите што се напишани во Договорот – истакна Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овие изјави одговорија дека Заев ја ретушира историјата, а лидерот Христијан Мицкоски најави дека штом ќе дојдат на власт сѐ што е избришано пак ќе го напишат.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева викендов рече дека „секогаш може да се бара повеќе од еден договор, но проблемот е во тоа што довербата веќе е на многу ниско ниво“.

– Политичките прашања мора да ги решат политичарите. Проблемот е во тоа што што нашите пријатели од РС Македонија се обидуваат да им пренесат политички прашања на историчарите – рече Захариева, која призна дека нивната позицијата не е лесна за разбирање во ЕУ, но ќе продолжат да ја објаснуваат.

За Бугарија Велес е бугарски град

По најновите позиции на Бугарија дека не се откажува од македонските Бугари, се јави и европратеникот Ангел Џамбаски со сериозно обвинување дека од Македонија е упатен сериозен информативен напад кон Бугарија, извршен од „бугарскиот Велес“, а со поддршка од Русија, кое го изразил на меѓународна конференција на тема „Европа и новите глобални закани“ организирана на иницијатива на Партијата на европски конзервативци и реформисти, чиј потпретседател е тој.

„Бугарија повторно страда од информативен напад на социјалните мрежи, извршен од служби и организации што јас лично ги поврзувам со длабоката држава во РС Македонија, со Белград и, се разбира, со фабриката за лажни вести во Санкт Петербург. Сите се сеќавате дека една од најголемите фабрики за лажни вести, која е поврзана со фабриката во Санкт Петербург, се наоѓа во прекрасниот бугарски град Велес. Во моментов започнува таков напад против Бугарија, апсолутно лажни вести се широко распространети во сите видови социјални мрежи“, рекол Џамбаски.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов вчера изјави дека пренесувањето на спорните прашања меѓу Бугарија и Македонија во ЕУ нема да придонесе за несигурност и за нестабилност на Унијата, затоа што нивната позиција е правилна и  синхронизирана со европските и со националните интереси.

– Му кажав на премиерот Заев дека тие ништо не направија три години и кога дојде моментот за решение беше доцна. Јас сум првенствено вицепремиер на Бугарија и нема да правам компромис со антибугарска политика и не ме интересира што дел од нашите европски партнери имаат поинакви ставови и што се обидуваат на некои начини да ги наметнат нивните позиции. Бугарија има јасни интереси. Имаше обиди да нѐ разубедат за работи за кои сепак немаа аргументи. Јас го разбирам обидот на некои од партнерите да наложат да отстапиме, но на крајот Бугарија мора да се грижи за своите интереси – рече вчера Каракачанов.

И бугарскиот претседател Румен Радев вчера ја испрати истата порака, дека Бугарија нема да попушти, затоа што „Договорот за добрососедство од наша страна блеска со добронамерна наивност, ама не ја исполни реципрочната добра волја“.

– Велам, ние сме две земји, ние сме браќа. Договорот беше добронамерен. Кога стана јасно дека не се почитува, во 2018 година реков дека е потребен нов анекс. Во Бугарија мора да бидеме обединети додека Македонците не го разберат патот до ЕУ – рекол Радев за бугарско радио.

Николовски: Изјавата за македонските Бугари е удар на македонаката државност

Нема официјална реакција од македонското МНР на изјавата на бугарското МНР дека не можат да ги предадат 88.450 македонски граѓани со бугарски пасоши. Реагираше потпретседателот ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, според кого ваквите изјави се удар на македонската државност.

Николовски ја повика бугарската министерка Захарева да одговори зошто овие луѓе не побарале бугарски пасоши пред Бугарија да стане членка на ЕУ и зошто не живеат во Бугарија.

– Она што сакам да и го порачам на Захариева е следното – да ги праша овие луѓе дали воопшто се загрижени за Бугарија. Одговорот е едноставен, луѓето бараат парче леб, подобар живот, ги земаат тие пасоши и одат да работат во Германија, Франција во други земји членки на ЕУ, заработуваат по некои денар и си се враќаат назад во Македонија – вели Николоски.

ВМРО-НП: Бугарија се правда за катастрофалното вето

Според ВМРО-Народна партија, Бугарија дава објаснувања со цел да го оправда „катастрофалниот чекор со ставањето вето на европската перспектива на Македонија, и тоа со максимална ескалација на негативните односи помеѓу двете држави“.

„ВМРО-НП во своите редови има голем број членови кои, покрај тоа што поседуваат бугарско државјанство, на попис се изјаснуваат и како македонски Бугари. Фактите го зборуваат токму спротивното дека додека трае овој спор ниту еден македонски граѓанин што поседува бугарски пасош, се декларира за македонски Бугарин или пак едноставно декларирал пријателство кон Бугарија, нема кажано никаков позитивен збор за бугарското вето, напротив, сите тие се чувствуваат загрозени дека оваа кратковида политика што доаѓа од Бугарија ја загрозува иднината на нивните семејства и нивните блиски“, соопшти партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот