Од исечените дрвја се гледа крајот на шумите

Нелегално сечење дрвја на Шар Планина / Фото: СП. архива

Активисти од еко-здружението „Натура лаб“ алармираат дека на планината Јабланица се случува масакр на шумите и никој не презема ништо. Локалните жители се жалат дека секојдневно се сечат дрвја, планината се соголува, стравуваат од евентуални свлечишта, но и од секнување на изворите со вода.

Поскапувањето на струјата и нафтата како енергенси уште повеќе го интензивира дрвокрадството. Граѓани, особено еко-активистите, на социјалните мрежи споделуваат фотографии од исечени дрвја од различни локации и бараат државните и локалните инспекциски служби да излезат на терен и посериозно да се позанимаваат со овој проблем.

Активистите од еко-здружението „Натура лаб“ алармираат дека на планината Јабланица се случува масакр на шумите и никој не презема ништо. Локалните жители се жалат дека секојдневно се сечат огромни површини со дрвја, планината се соголува и стравуваат од евентуални свлечишта, но и од  секнување на изворите со вода.

– Овој проблем трае со години и сè повеќе се влошува. Засегнати се сите села под Јабланица: Лабуништа, Подгорци, Боровец и Октиси – велат жителите на Лабуништа.

Жителите бараат државните и локалните инспекциски служби да излезат на терен и посериозно да се позанимаваат со овој проблем што зема сè поголем замав. Во спротивно, тие се подготвени да излезат и на протести сè додека не го сопрат уништувањето на планината Јабланица.

Столетна букова шума, пребогата со жив свет, се уништува и во реонот на Азот, Велешко, велат граѓанските активисти. Во шумски појас на планината Караорман, пред неколку денови, во атарот на струшкото село Мислодежда, полицијата уапси 12 лица, од кои осум албански и четири државјани на Македонија. Тие биле затекнати при нелегална сеча на огревно дрво, а како „опрема“ за незаконското дејство имале возила, камиони, трактори, моторни пили и секири.

Според нашите соговорници, дрвокрадците од една општина често „оперираат“ на територијата на друго населено место, во групи од 10 до 30 луѓе. Најчесто користат теренски возила и камионети. Често се вооружени.

Од бесправна сеча Македонија годишно губи најмалку 25 милиони евра, пресметано само според вредноста на дрвјата како огрев, без другите подолгорочни последици од соголувањето на шумите. Упатените за овој сè подоходовен „бизнис“ велат дека македонските закони се преблаги да ја спречат оваа криминална појава.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна рече дека обликот на криминал, поврзан со бесправната сеча на дрва, не е нималку наивен. Тој ги посочи податоците на МВР, кои покажуваат дека за периодот од 2016 до 2021 година биле евидентирани повеќе од 64.000 метри кубни бесправно исечени дрва. Проценетата материјална штета изнесува речиси над 169 милиони денари.

МВР во овој период евидентирало 1.044 кривични пријави, а со нив биле опфатени 1.434 сторители.

– Ако се додадат податоците и од другите институции, сосема сигурно дека станува збор за криминал со крајно сериозни последици за зачувување на шумскиот фонд – рече Спасовски.

МВР во соработка со Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, од 2014 година спроведува голема оперативна акција под кодно име „Гора“, чија цел е сузбивање на бесправната сеча. Од почетокот на акцијата се поднесени вкупно 1.334 кривични пријави против 2.204 сторители, а се одземени 97.843 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета се проценета на повеќе од 335 милиони денари.

Огревот масовно се купува „на црно“

Три илјади и шестотини денари е кубен метар крадени дрва, што според моментната цена е 400 денари помалку од пазарната. Во пресрет на грејната сезона, поради кризата и беспарицата масовно се купува „на црно“, наместо од шумските стопанства. Огревот до почетокот на грејната сезона најверојатно уште ќе поскапува, зашто пелетите веќе се продаваат по речиси 100 отсто повисока цена.

ЈП „Национални шуми“ тврди дека, иако побарувачката на огревно дрво е голема, во најголем процент потребите се задоволени. Според ценовникот што го формира Владата, букови сечени дрва од прва и втора класа чинат 2.870 денари за кубен метар, односно 2.250,00 денари за кубен метар, а дабовите – 2.970 за м3, односно 2.250 денари за м3.

Една третина од дрвата на пазарот се украдени

Национални шуми произведуваат околу 450.000 метри кубни, приватните субјекти произведуваат за себе и пласираат на пазар од 200.000 до 250.000 метри кубни, додека националните паркови во земјава годишно произведуваат од 50.000 до 70.000 кубни метри дрво.

Според пресметките, бесправната сеча на дрва годишно би можела да достигне и до една четвртина од вкупните потреби, односно 250.000 метри кубни дрво, добиени како разлика помеѓу националните потреби за дрво и легалното производство на дрвната маса од сите субјекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот