Од идната година поголема финансиска стабилност на општините и нови надлежности

фото: МИА

Поголема финансиска стабилност на единиците на локалната власт и фазно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите во кои ќе биде оценето од 1 јануари идната година, е заклучокот од средбата на премиерот Зоран Заев со Управниот одбор на ЗЕЛС.

На средбата, како што соопшти ЗЕЛС, била договорена временската рамка и динамиката за реализацијата на обврските.

– Беше утврдено да се формира малa оперативнa групa со претставници од двете страни, кои до крајот на јули ќе работат на темите за промени во процесот на децентрализацијата, со цел преземање на понатамошни законски измени за обезбедување на нивна објективна реализација, информира ЗЕЛС.

Владата, како што истакна премиерот, е подготвена час поскоро да пренесе нови надлежности од централно на локално ниво.

– Со префрлените 51 милион евра за покривање на долговите на општините покажавме дека сме фокусирани да обезбедиме функционални локални заедници. Средствата што се предвидени од централно ниво за патишта и за водоводи, дополнително ќе им олеснат на општините, средствата од нивните буџети за овие намени, да ги насочат кон други потреби, рече Заев.

Според него, општините можат да помогнат многу во економскиот развој.

– Потребна е креативност во обезбедувањето средства преку проекти и рационалност каде што е можно. Интеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите со ЕУ ќе значат и достапност на европски фондови и повеќе пари за инфраструктурата, животната средина, за проекти во социјалната сфера, образованието, културата. Владата подава рака за вистинска функционална децентрализација, потребно е пофункционално и попосветено решавање на работите, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов презентирајќи ги барањата на локаните самоуправи посочи дека во делот на обезбедување на поголема финансиска независност на единиците на локална власт клучни се барањата за зголемување на зафаќањето од ДДВ за најмалку 10 отсто (сега е 4,5 отсто) во полза на општините, 50 отсто од персоналниот данок на добивка (сега е три) зголемување на висината на сите блок дотации, зафаќање од данокот на добивка на игрите на среќа и друго.

– Сакаме финансиска стабилизација за досега преземените надлежности. Потребно ни е да го стабилизираме финансиското работење на нашите институции, а доколку добиеме соодветни финансиски средства спремни сме да преземеме и нови надлежности, рече Шилегов.

Тој посочи на предизвиците во противпожарната заштита, во процесот на легализација на дивоградбите, потребата од скратување на роковите за донесување планска документација, поддршката на руралните општини, концентрацијата на капиталните инвестиции, недостатокот на одредени професионални кадри во општинската администрација (урбанисти, архитекти, информатичари..) и слично.

Претседателот на ЗЕЛС ја истакна и потребата локалните власти да се поконцентрирани во собирањето на сопствените приходи, особено на данокот на имот, обезбедувањето на негова комплетна база и репроценка на даночната основица.

На средбата, како што е наведено во соопштението на ЗЕЛС, било разговарано и за можности за промени во организација на локална самоуправа од едностепена на двостепена, за рамномерниот регионален развој, за префрлање блок дотациите во една заедничка дотација со цел поголема самостојност на локалните власти со нивното менаџирање, за јавните претпријатија, долговите, обезбедување мотивирачки фактор за оние локални власти кои успешно ги собираат своите приходи, како и искористување на компаративните предности што ги има секоја општина во сопствена полза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот