Од Хамас велат дека е склучен договор за ослободување на цивили и примирје, Израел не коментира

Судејќи по изјавите на САД, Катар и некои од лидерите на терористичката организација Хамас, на повидок е договор за ослободување на заложниците и примирје, што би можело да ја одбележи војната која трае веќе еден месец и половина и однесе илјадници цивилни животи. Војната изби откако терористите на Хамас масовно го нападнаа Израел на 7 октомври и убија повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа повеќе од 200 од нив, пренесува Би-Би-Си.
Израел возврати со насилен напад врз Појасот Газа, прво со воздушни напади, а потоа и со копнена операција во која досега загинаа речиси 400 израелски војници. Според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, повеќе од 13.000 луѓе загинале во Газа во израелските напади.
Судејќи според неодамнешните изјави на Катар, Белата куќа и раководството на Хамас, се чини дека договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците е многу блиску. Лидерот на Хамас Исмаил Ханије рано утринава изјави дека Хамас е „блиску“ до договор за примирје со Израел. „Блиску сме до постигнување договор за прекин на огнот“, рече Ханије, додавајќи дека групата го доставила својот одговор до катарските посредници.
Официјалниот претставник на Хамас Изат ел Решик изјави за Ал Џезира дека разговорите се за примирје што ќе трае „неколку дена“ и ќе вклучи договори за влез на помош во Газа, како и размена на заложници земени од Хамас за луѓе затворени во Израел.
Ел Решик рече дека договорот ќе вклучува ослободување на израелски жени и деца од Газа во замена за палестинските жени и деца од „окупациските затвори“. Ел Решик додаде дека сите детали од договорот ќе ги соопшти Катар.
Два извори запознаени со преговорите за примирје изјавија за АФП дека пробниот договор вклучува петдневно примирје, кое се состои од прекин на огнот на теренот и ограничувања на израелските воздушни операции над јужниот дел на Газа. За возврат, меѓу 50 и 100 заложници држени од Хамас и Исламски џихад, посебна палестинска милитантна група, ќе бидат ослободени. Тие ќе вклучуваат израелски цивили и затвореници од други националности, но не и воен персонал.
Катарскиот премиер во неделата изјави дека договорот за ослободување на некои заложници во замена за привремен прекин на огнот зависи од „ситни“ практични прашања. Вчера американскиот претседател Џо Бајден рече дека верува оти договорот за ослободување на заложниците е блиску. „Верувам дека е така“, рече Бајден на прашањето дали договорот за заложниците е близок и ги вкрсти прстите.
Белата куќа соопшти дека разговорите се во фаза на „последни детали“, но одби да даде дополнителни детали, велејќи дека тоа може да го загрози успешниот исход.