Од евтин порно филм, драма не бидува!

Ако направите гулаш од усмрдено месо (ВМРО) и скапани моркови (ДПМНЕ) и тоа го залиете со миризливо вино од секојдневни афери и лаги, статутарни промени и шарени паради, нема да добиете вкусно јадење, туку срање од кое ќе си ја истресете и утробата во школката за дефекација.
Ова е македонизирано издание на една реплика од филмот „Сведок против мафијата“, возбудлива приказна за Џон Готи и Гамбино, најпознатата њујоршка мафиотска фамилија, на режисерот Тадеуш Осаливен. Со таа разлика што фамилијата во Скопје не се вика Гамбино, туку се вика Груевино, ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот актуелен намесник, демек заменикот на нашиот Готи, таа неверојатно тешка јавна неподносливост, не зрачи ниту колку учкурот на њујоршката мафиотска легенда.
Во филмот на Осаливен, Готи се обидува да се спаси од затвор така што го заглавува својот заменик, Сами Бикот Гравано, а во македонската стварност, злосторничката инсталација се обидува да се спаси со бегства во Унгарија и во Грција, со смешни чирибу-чириба штосови, какви што се измените на статутот, со секојдневна врева против една друга фамилија, со крвави пучеви и со декапацитирање до уништување на државата што треба да ги суди и затвори.
Со немерливата штета како супстанца на своето постоење.

Шмркот на историјата

Да беше Ременски член на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски денеска ќе шеташе по странските амбасади во Скопје и ќе ги убедуваше велепосланиците дека во неговата земја се врши прогон на политичко-партиска и идејна основа. И да беше премиер немаше да се срами да го тврди истото. Обаче ги нема и двете полуги за дејствување. Всушност, ја нема и третата и четвртата, нема ништо, зашто комплетниот и студиозен обвинителски третман на оваа лошо либрето за опера за три гроша, што на моменти личи на сценарио за ефтин порно филм, покажа дека на суд ќе се оди со три и пол до четири и пол обвинети, во завинсност од тоа дали Јанева ќе се договори со Русковска. И за вредност која ја ќе достигне, ја нема да достигне два милиона евра. Што не е малку како пари, но малку е за оваа хистерија која е произведена со цел народот да се убеди дека не го бива, ниту него ниту неговата држава. Обратно, развојот на ситуацијата е препорака плус за нашите евроатлантски интеграции и за демократските и правни кондиции, определби и визии на власта.

Како што уништениот систем, кој се обидува да се рехабилитира, ќе го реши овој, како и сите други случаи, особено случаите на невројатното злосторничко здружување на ВМРО-ДПМНЕ, со немерливи финансиски, инстутуционални и културолошки импликации, дека во тој бран ќе ги закачи и Превара и Хорхе и Марко и многу други, убеден сум дека шмркот на историјата ќе го измие вморонското срање од лицето на македонскиот човек. Но, останувам фрапиран колку е тоа гомно тегаво и лепливо и не се дава, еве, потрошивме веќе цела цистерна историска вода на тој неверојатен смрдеж, а тоа е се уште тука, под нашион нос. Не ми е јасно какви се луѓето и куќите кои и после се, одбиваат самите да се полеат со некаков „мерикс“ или „вениш“ или, можеби, „аристе грас“ и да излезат од дома без тоа вмровско гомно на образот. Тие се однесуваат како малите кутриња кои обожаваат да се валкаат во лајна, но таа страст обично ја плаќаат со присилно перење, дури и со ќотек, нека не звучи ова како закана.
Зошто јас упорно останувам на ставот дека пресметката со вмро не е само аспект на партиско-политичкиот конфликт, туку е една од клучните задачи пред отворањето на македонските перспективи!?

Крвава романтика

ВМРО-ДПМНЕ и денеска е за темелна промена на македонскиот човек и на Македнија во нешто што е многу над „баналната“ и „анационална“ стварност создадена под комунистите. Тие се единствената политичка сила која се обидува да ја измести Македонија од политичкиот процес и да ја револуционизира. Тоа е политичка алхемија која не е толку глупава колку што е злобна и деструктивна со тоа што антимакедонството го покрива со големи дози патетика и фолклор. Јас мислам дека тоа „над“ е всушност „под“ и дека закономерно, значи, дури и без свеста на поединците, води во дефинитивен крах на национланата и државна идеја. Со многу жртви. Нема тука никаква романтика. Односно, романтиката е крвава. Таа операција беше единаесет години изведувана во живо, луѓето знаат за масакрот наречен Скопје 2014, за демолирањето на институционаниот поредок, за пљачката, убиствата итн. Тие работи беа изведувани во согласност со идејата за преобразбата на Македонецот, од национален субјект, во гомно, а на Македонија, од држава, во безвезна територија.

Во овој профил се покажува епиката на македонските проблеми. Сите крадат или мамат, но епиката на заглавеноста се вика ВМРО-ДПМНЕ. Без елиминирање на тоа чудовиште Македонија не може да се нормализира. А можеби нема да може и да преживее. Револуциите се заебана работа. Главно се за наивните, за будалите, за идеалистите од стар ков, за авантуристите… Жарчето на таа идеја за брзи и темелни, револуционерни промени, е проширено и во другиот дел на општеството. Сите бараат апсења, чистки, смени, конфискации, дури мимо државниот апарат, се довикува одземање на монополот на силата на државата и граѓанско преземање на судбината во свои рацете .

Памет во глава

Тешко и опасно занесеништво. Еве што вели Марио Варгас Љоса. Не некој од љубимите идиоти на македонската телевизиска публика, туку Љоса! „Никој од нас не може да живее без утопија. Но, јас мислам дека утопијата би морала да биде врзана исклучиво за оние работи кои се однесуваат на уметноста. Да се досегнува совршенството во уметноста, да се батали, да речеме, новиот советски човек или слични смешни архетипови. Да се достигнува совршенство од утописката перспектива во оние рамки во кои тоа се гледа во индивидуалното дејствување. Во литературата, музиката, сликарството, поезијата… Такво совршенство е совршено можно. Во колективните услови рајот е неостварлив! Најчесто, ако бараш начини за да изградиш колективен рај, ќе успееш во тоа наново да го реновираш пеколот“.

Или Вук Перишиќ: „Историското искуство покажа дека човековиот род е неспособен да воспостави и организира праведно општество и дека е можен само еволутивен напредок кон оние облици на општествената и економска организација кои би биле помалку неправедни и помалку нехумани. Секој нестрплив, да не кажам револуционерен, исчекор кон ад хок поголема праведност и хуманост, започнувал и завршувал во трагичното деградирање на правдата и хуманоста.

Засекогаш ќе се клацкаме од криза до конјунктура и од конјунктура до криза, низ вечната еквилибристика меѓу слободниот пазар и државната интервенција, на власт ќе ни се сменуваат повеќе или помалку корумпирани политички партии кои ќе спроведуваат половична и компромисна политика. На некои тоа ќе му збучи ужасно. Мене ми звучи како олеснување. Не затоа што уживам во сопствениот цинизам туку затоа што од се друго ми е страв“.

Хахаха! Тоа е другари! Памет во глава! Среќен празник! Честито Европа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот