Од дивите депонии во Карпош и Сарај исчистени 900 кубни метри отпад

ЈП Комунална хигиена – Скопје денеска спроведе акција за чистење диви депонии во општините Карпош и Сарај.

– Во населеното место Бардовци во Општината Карпош, покрај реката Лепенец, беа отстранети приближно 550 кубни метри одложен отпад, додека во Општина Сарај беше расчистена дива депонија составена од 350 кубни метри комунален, кабаст и градежен отпад, лоцирана во близина на СУГС „Сарај”- соопштија од комуналното претпријатие.

Од Комунална хигиена посочуваат дека во реализацијата на активностите биле ангажирани десет работници на терен, додека од механизацијата се употребувале четири специјални комунални возила-кипер и два багера.

Од ЈП Комунална хигиена – Скопје информираат дека наредната недела ќе продолжат со расчистување на дивите депонии и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Гази Баба.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на интензивните активности на локалната самоуправа за заштита на животната средина.

– Минатата недела, затворивме и депонија во Злокуќани кај фудбалското игралиште. Со тоа, изминатиов период затворивме повеќе критични точки кои со години претставувале опасност за животната средина: депонијата кај „Газела”, депониите кај С.Ц. „Борис Трајковски” и горе посочените депонии. Исто така, започнавме со еден стратешки пристап кон расчистувањето на отпадот во Карпош. Оваа недела објавивме дека мапиравме 13 локации на кои има поголема количина отпад, a денешната локација е токму таква и е дел од мапираните локации. Во наредниот период продолжуваме со чистење и на останатите критични точки- рече Богоев.

Од таму информираат дека веќе ја спроведуваат и информативната кампања за правилно одлагање на џебен, комунален, кабаст и електричен/електронски отпад. Сите граѓани можат да ги добијат потребните информации на www.karpos.gov.mk, а се делат и информативни флаери во сите урбани заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот