Од денеска во Бугарија почнува електронски попис

Софија, Бугарија, илустрација / Фото: Архива на Слободен печат

Од денеска почнува првиот дел од пребројувањето во Бугарија. Првиот дел ќе биде електронски, а од 18 септември до 3 октомври ќе биде на терен. Националниот статистички институт на Бугарија ги повика граѓаните да се попишат по електронски пат, јави дописникот на МИА од Софија.

Оние што ќе се попишат електронски ќе треба да го достават својот код до физичкиот попишувач, а оние што ќе одбијат да учествуваат во пописот ќе бидат казнети со 160 лева (80 евра).

Само половина од потребните попишувачи се собрани во Софија, а причината за тоа е Ковид-19. Затоа Националниот институт за статистика на Бугарија повикува што е можно повеќе луѓе да се пребројат по електронски пат. Проблем е со попишувачи има во големите градови и населби, додека таков проблем нема кај помалите населени места.

Магдалена Костова од „Демографска и социјална статистика”, Националниот институт за статистика на Бугарија, коментираше за БНТ дека ќе бидат потребни 15 до 20 минути за да се пополнат прашалниците за тричлено семејство и нивното домаќинство. Пописот ќе има прашања во врска со домот, енергетска ефикасност, за предмети во домаќинството, за образование, за етничка припадност.

За оние кои нема да се попишат електронски, ќе има попишувачи кои ќе го спроведат процесот од 18 септември до 3 октомври. За попишувачите се обезбедени заштитни маски, шлемови и средства за дезинфекција. На попишувачите им се дава можност да се вакцинираат со единечна доза од вакцината Џансен. Националниот институт за статистика на Бугарија прогнозира дека по завршувањето на пописот се очекува населението во земјата да изнесува околу 6.820.000 луѓе. На последниот попис во 2011 година Бугарија имаше 7.364.570 граѓани.

Поради пандемијата на Ковид-19, Бугарија еднаш го одложи пописот, кој требаше да се спроведе од 22 јануари до 15 февруари 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот