Од боксерски во политички ринг

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Српските власти дури трипати забранија влез во земјата на тимот боксери од Косово, кој требаше да учествува на Светското првенство во Белград што трае од 24 октомври до 6 ноември. Носеа обележја на државата што Србија не ја признава. Крај.

Државата Србија и боксерската репрезентација на Косово влегоа во политички клинч, кој со одлука на судиите од Белград имаше политичка, а не спортска завршница. Српските власти дури три пати забранија влез во земјата на тимот боксери од Косово, кој требаше да учествува на Светското првенство во Белград што трае од 24 октомври до 6 ноември. Носеа обележја на државата што Србија не ја признава. Крај.

Има тука еден мал проблем: Боксерскиот сојуз на Косово од 2014 година е полноправен член на Светската боксерска федерација (АИБА) и досега без проблеми учествуваше на разни натпревари, вклучувајќи ги и земјите што не го признаваат независно Косово.

Колку и да не им се допаѓа на властите во Белград, Косово под тоа име е примено во многу спортски организации – од Меѓународниот олимписки комитет преку Светската фудбалска федерација (ФИФА) и европската (УЕФА) – и Србија би морала да го почитува начелото да не го меша спортот со политиката.

АИБА од Боксерскиот сојуз на Србија побара да дозволи учество на Косово. Одлуката на Србија е „неприфатлива“, порача нејзиниот генерален секретар Иштван Ковач. Ништо.

На премините Кончуљ и Мердаре на малата делегација ѝ е речено дека Србија не го признава Косово како држава, а со самото тоа ни државните обележја на Косово.

Набрзо стигна предупредување од АИБА, во чие соопштение се вели дека очекуваат Косовската боксерска федерација да биде третирана како и сите други делегации што се членки на АИБА. „Веруваме дека сите спортисти мора да имаат фер шанса да се натпреваруваат и да ги демонстрираат своите најдобри квалитети во рингот. Спортот би требало да ги обединува луѓето и да биде ослободен од национализмот и од политиката“.

Претседателот на АИБА, Умар Кремлев, порача дека „во боксот нема граници, сите ние сме едно големо семејство… дека сме единствени и еднакви“, но границата кај Мердаре го демантира.

Рампата за боксерите од Косово можеби може да делува легитимно од гледиштето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, но никако не се вклопува во омилената идеја за Отворен Балкан на претседателот Александар Вучиќ.

– Боксот е спорт на патриоти, со кои израснуваа генерации – порача министерот за внатрешни работи Александар Вулин. „Патриотски спортови“ не постојат. Постои само спорт.

Ако Светското првенство во бокс е исклучително значајно за имиџот на Србија, како што вели неговиот промотор, актерот Милош Биковиќ, тогаш тој имиџ е сериозно нарушен со оваа „патриотска контумација“, која уште еднаш го потврди приматот на политиката над спортот. Повеќето белградски медиуми дури и не објавија вест за неучеството на боксерите од Косово.

Пред две години на гренслемот во џудо во Екатеринбург во Русија косовската репрезентативка Маљинда Кељменди, како и подоцна на Олимписките игри, освои златен медал. Колку би изгубил спортот ако не ѝ било дозволено да се натпреварува?

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија во мај 2019 година реши тимовите и репрезентациите да не можат да одбиваат натпревари со тимови од Косово или со косовската репрезентација и да мора да играат на терен во Косово. УЕФА со диригирана ждрепка, од безбедносни причини, не дозволува средби на српски и косовски тимови во своите натпреварувања. Шпанија, која не го признава Косово, прифати во квалификациите за Светското првенство во фудбал да се натпреварува во група во која е и Косово. Косово, а не таканареченото Косово.

Кому му е направена штета? Паметиме како се чувствувавме кога фудбалската репрезентација на Сојузна Република Југославија поради санкциите беше отстранета од Европското првенство во Данска. Највисоката цена ја платија фудбалерите, на кои им беше скратена можноста да покажат што знаат. Прегазени беа неделите на нивните подготовки и тренинзи. Бирократијата го одреди резултатот.

Имавме во 2018 година ситуација со сличен политички повод, кога властите во Белград им забранија на српските јуниорски ракометарки да играат против репрезентацијата на Косово во Спортскиот центар Ковиливо. Казната беше драконска: дисквалификувани беа од квалификацискиот турнир за учество на Европското првенство. Потоа, во истата година, од преминот Мердаре двапати беа вратени репрезентативците на Косово во карате, кои имаа намера да учествуваат на Европското првенство во Нови Сад.

Зошто цехот на високата политика сега мораат да го платат младите боксери од Косово, на кои Светското првенство секако многу им значи? Поради што им е скратена шансата да освојат по 100.000 долари за златен медал, двојно помалку за сребрен или 25.000 за бронзен? Зарем навистина некој мисли дека нивниот настап би значел признавање на таканаречената држава Косово? Да, прашањето е чувствително, но зошто не беше однапред решено во светските боксерски институции? Што очекуваа во Белград?

Зошто се трудеа да бидат домаќини на натпреварите на федерација во која Косово е полноправен член? Организаторите морале да знаат што ги чека. Мораа јасно да го дефинираат учеството на Косово. Има тука разни модалитети. Иако во принцип не ми се допаѓаат сите тие видови санкции, можеше да се договори Косово да настапува под знамето на Светската боксерска федерација. Можеше, ама не се случи.

На церемонијата на отворањето најмногу ракоплескања, по Србија, добија Црна Гора, Северна Македонија и Русија, додека свирежи беа испратени на натпреварувачите од Албанија и од Хрватска. Тоа е (политизирано) навивачко право, но забраните се нешто друго. По правило се израз на немоќ.

Со сопствената глупост, Србија е доведена во позиција да забранува, што никако не придонесува за промоција на Белград и на Србија, како што замислуваат еден градски функционер и претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија.

Пропуштена е шанса, која би послужила како пример на политичко нормализирање на односите преку спортот. Боксерите од Косово и од Белград можеа да им ја олеснат работата на преговарачите во Брисел, кои трчкаат по некој свој ринг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот