Од бактерии отпорни на антибиотици умираат луѓе како да се срушиле 100 авиони

лекови
Граѓаните на Македонија многу конзумираат антибиотици, а високата потрошувачка на антибиотици е директно поврзана со побрз развој на отпорност на бактериите кон антибиотиците. Лекарите предупредуваат дека не е далеку денот кога ќе умираме од обични инфекции затоа што бактериите ќе станат отпорни на антибиотиците.
Во земјите на Европска Унија вкупната потрошувачка на антибиотици (антибиотици кои се добиени на рецепт и издадени во болница) е од 9.7 ДДД (дневно дефинирани дози) на 1000 жители на ден во Холандија, до 34 ДДД на 1000 жители на ден во Грција.
– Потрошувачката од 20 ДДД на 1000 жители на ден во Македонија е само на антибиотици кои се издадени на рецепт т.е паѓаат на товар на Фондот. Тоа покажува дека се препишуваат многу антибиотици. Во оваа бројка не се вклучени антибиотиците кои се пропишани и употребени во болниците. Според направена проценка се смета дека вкупната потрошувачка кај нас би била 30 ДДВ на 1000 жители на ден. Значи дека ние сме на исто ниво со Грција, Романија – вели проф. д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција.
Оваа  висока потрошувачка директно се одразува на високата отпорност на бактериите кон антибиотиците кај нас, како и кај нашите соседни држави. Државите во западна Европа, особено во северниот дел, каде имаат најниска потрошувачка на антибиотици имаат тенденција уште повеќе да ја намалат употребата. Таму имаат најниско ниво на отпорност на бактериите кон антибиотиците.
– Ние сме земја во која  непотребно се препишуваат и користат антибиотици. За тоа зборува високата потрошувачка и високата отпорност на бактериите кон антибиотици. Постојат голем број инфекции кои се вирусни и за кои нема потреба да се даде антибиотик, бидејќи антибиотикот нема никаков ефект врз вирусите. На пример 80-90 отсто од горно респираторните инфекции се вирусни и нема потреба да се даде антибиотик, како што се  настинка или грип. Дополнително, антибиотикот не се дава за да се спушти температурата, тој нема такво дејство. Постојат и алергиски манифестации кои не треба да се лекуваат со антибиотик. Антибиотикот не помага при кивање. Не треба да се даде антибиотик при пролонгирана кашлица после некоја вирусна инфекција, која може да трае и до три недели. Во тие случаи се користат други препарати кои ќе ја олеснат состојбата, но не антибиотик – објаснува Бошевска.
Понекогаш, дури и да се работи за бактериска инфекција, но нашиот организам има капацитет да се одбрани од неа, во тој случај може да помине и без антибиотик. Антибиотикот не смее да се зема за превенција, бидејќи така само се уништува нашата нормална бактериска флора и може да се направи дополнителен здравствен проблем. Во превентивни цели се зема само пред некои тешки оперативни процедури и тоа само еден ден пред операцијата.
Не мора децата секогаш да се носат на крвна слика или брис од грло или нос кога ќе се разболат. За потребата од испитувања треба да одлучи педијатарот или специјалистот по семејна медицина. Постојат упатства базирани на докази врз база на кои се насочуваат докторите како носат одлуки.
– Важно е родителите да не вршат притисок врз докторот и да овозможат докторот да си ја заврши својата работа според сите принципи на работа, особено за пропишување на антибиотик за “секој случај” кога за тоа нема потреба. Важно е да постои блиска соработка меѓу докторот и родителите и да се следи детето – вели Бошевска.
Амоксицилин со клавулонска киселина повеќе години е најмногу потрошуван антибиотик кој има широк спектар на дејство. Затоа постои опасност  бактериите да развијат отпорност кон него и овој исклучителен антибиотик кој треба да го “чуваме”, всушност нема да има ефект. Бошевска објаснува дека често кај децата под притисок на родителите се дава антибиотик и покрај тоа што е јасно дека се работи за вирусна инфекција. На вирусна инфекција антибиотикот нема ефект, но има ефект  врз нормалната микрофлара (бактерии кои нашето тело нормално ги има и се многу важни за да може да функционира) т.е. ја уништува. Со тоа се уништува и одбранбениот механизам на организмот, а оштетена слузница од вирусната инфекција и намален имунитет, се овозможува населување на патогени бактерии кои можат да бидат и многу отпорни.
– Затоа, наместо лесна инфекција која за 1 до 2 недели ќе заврши без последици, со давање на антибиотик се влошува состојбата и децата завршуваат во болница – потенцира нашата соговорничка.
Пред сезоната на грип во која се наоѓаме сега, Бошевска советува дека најдобра заштита е вакцинирање особено на сите лица со хронични незаразни заболувања, на лица над 65 годишна возраст и на деца до 5 годишна возраст, на бремени жени (за да се заштитат и тие самите и плодот кој го носат) и сите здравствени работници (заради своето сопствено здравје, но и затоа што ако се разболат тие лесно ја пренесуваат инфекцијата и на своите семејства и на своите пациенти).
– Грипот е вирусно заболување и на него антибиотиците немаат никаков ефект и нема да доведат до подобрување на состојбата. Во случај на грип пациентите треба да примаат топли напитоци, витамини, да одмараат и по проценка на доктор може да им се пропише специфично антивирусно средство (оселтамивир) кој има инхибиторно дејство на вирусот на грип – вели Бошевска.
Според податоците на Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација, околу  700. 000 лица во светот и 33.000 лица во Европа го изгубиле животот од инфекции предизвикани од бактерии отпорни кон многу антибиотици.
– Ова е споредливо со вкупниот број на патници на повеќе од 100 авиони со средна големина. Загрижувачки е што 39 отсто од инфекциите се предизвикани со бактерии отпорни на антибиотици од последната линија, како што се карбапенеми и колистин. Овие антибиотици се последната достапна опција за третман при тешки инфекции. Кога тие не се ефикасни, крајно е тешко или, во многу случаи, невозможно да се лекуваат овие инфекции. И во Македонија се пријавени бактерии кои се отпорни кон карбапенеми. Ако продолжи ваквата неразумна употреба на антибиотиците, голема реалност е моментот  кога навистина ќе имаме голем број инфекции кои нема да можеме да ги лекуваме и постои голема можност тој момент брзо да дојде ако веднаш ни сега сите ние секој од свој аспект не превземеме мерки за превенција на инфекциите  и во случај на појава на инфекции разумно да се користат (во правилна доза, интервал и времетраење). Никогаш да не ги употребуваме антибиотиците кои ни останале дома од некое предходно лекување – потенцира Бошевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот