Од 28 април забраната за движење почнува од 21 часот, отворените делови на угостителските објекти ќе работат до 20:30 часот

Скопје / Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од утре забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20.00 ќе важи од 21.00 до 5.00 наредниот ден. На денешната седница Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на ковид-19.

Како што соопшти владината прес-служба, исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот по што треба да бидат затворени за посетители.

Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.

Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега.

– Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протоколот за отворање и работа на кафетериите, Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19, се вели во соопштението.

Согласно препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор, а дејноста може да ја обавуваат на отворен простор согласно соодветниот наменски протокол. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот