Од 2024 година за локалните власти – 6 отсто од персоналниот данок и ДДВ
Наместо 3 отсто како досега, од 2024 година на сите општини во државата ќе добиваат по 6 отсто од персоналниот данок и од данокот на додадена вредност (ДДВ), потврди премиерот Зоран Заев, откако Владата во вторникот, го утврди текстот на измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
– Приходите од персоналниот данок од 3 ќе се зголемат на 6 проценти до 2024, а толкаво ќе биде и зголемувањето на распределените приходи од ДДВ. Тоа се стабилни приходи во буџетот на општините и се наменети за да се намалат доспеаните, а неплатени обврски. Се очекува зголемување на транспарентноста и отчетноста на сите средства кои се доделени од државата – истакна премиерот на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според Бесими, приходите на општините од личниот данок на доход ќе се собираат од физичките лица кои живеат на нивната територија.
– Во 2022 година, од истиот данок, општините ќе добиваат 4, во 2023 ставката ќе биде 5, а од 2024 предвидено е да стигне до 6 проценти. Дотациите од ДДВ за општините кои сега ги добиваат од централниот буџет се 4,5 отсто, а во 2024 ќе бидат 6 проценти. Во 2022 износот ќе биде 5 отсто, а во 2023 ќе биде 5,5 – додаде Бесими.
Премиерот Заев очекува поголема финансиска транспарентност и дисциплина од општините со овој закон и забрзана изградба на спортски и здравствени објекти на локално ниво, пречистителни станици, градинки, училишта и подобрување на јавните услуги.
-Процесот на децентрaлизација треба да им овозможи на општините да бидат финансиски стабилни. Сега одиме со трајни законски решенија за системска функционалност и независност и со тоа на привлекување на нови инвестиции. Измените се во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините – додаде Заев.
Ќе се детектира и намалува сивата економија
Детектирање и намалување на сивата економија во државата преку прецизно мапирање на секторите во кои е најмногу застапена и утврдување на главните мотиви за нејзино постоење е целта на проектот „Поддршка на реформите со менаџирањето на јавните финансии”, што го промовираа Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Главните активности ќе бидат фокусирани на креирање нови и ефикасни алатки за борба против неформалната економија. Во рамки на овој проект, домашни и странски експерти веќе работат на студија за дефинирање на причините и индикаторите за намалување на сивата економија. Проектот ќе се фокусира на подобрување на процесот на мерење, следење и откривање на неформалната економија, поефективни инспекциски услуги, подобрено деловно опкружување за раст и развој на компаниите и подигнување на јавната свест.
– Наша задача преку Стратегијата за формализацијата на неформалната работа за периодот 2018-2022 и преку ИПА проектот – „Унапредување на условите за работа” е да ја намалиме непријавената работа. Државниот завод за статистика бележи континуиран пад на стапката на неформално вработување, од 24,3 во 2011 на 13,6 отсто во 2020 година – рече министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска.