Од 1 јануари следната година започнува фазно пренесување на нови надлежности од централно на локално ниво

Премиерот Зоран Заев денеска оствари состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС, на која биле разменети мислења и ставови со цел натамошен квалитетен развој и имплементација на процесот на децентрализација и со тоа поквалитетни услуги за граѓаните на локално ниво.

На средбата, како што информираат од владината прес-службеа, е утврден заклучок, за конкретна временска рамка за подготовка на државата за следната фаза за институционална и финансиска децентрализација.

– Постигната е согласност од 1 јануари 2020 година да започне фазно пренесување на нови надлежности од централно на локално ниво во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно. При тоа, со новиот Буџет за 2020 година ќе бидат земени предвид и финансиските потреби на општините за коишто треба и има можност да помогне државата, се наведува во соопштението.

Во таа насока договорено е да се формираат работни групи со членови од централната и локалната власт и уште во текот на летото да се почне со утврдување на областите од коишто ќе се децентрализираат надлежности.

Премиерот Заев, порача дека Владата е подготвена час поскоро да пренесе нови надлежности од централно на локално ниво.

– Со префрлените 51 милион евра за покривање на долговите на општините покажавме како Влада дека сме фокусирани да обезбедиме функционални локални заедници. Средствата што се предвидени од централно ниво за патишта и за водоводи, дополнително ќе им олеснат на општините, средствата од нивните буџети за овие намени, да ги насочат кон други потреби. Општините можат да помогнат многу во економскиот развој. Потребна е креативност во обезбедувањето средства преку проекти и рационалност каде што е можно. А интеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите со ЕУ ќе значат и достапност на европски фондови и повеќе пари и за инфраструктурата, за животната средина, за проекти во социјалната сфера, образованието, културата. Владата подава рака за вистинска функционална децентрализација, потребно е пофункционално и попосветено решавање на работите, рече меѓу другото премиерот Заев.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов ги соопштил клучните предизвици со коишто се соочуваат општините и можните решенија што ги предлага ЗЕЛС. Нагласил дека за ЗЕЛС е прифатливо општините да влезат оперативно во процесот на децентрализација, да добијат повеќе финансиски средства, но и да преземат повеќе надлежности.

На состанокот, се вели во владиното соопштение, биле разгледани можностите за финансирање преку одделување повеќе средства за општините од даноците,  капацитетите за преземање нови надлежности на општинско и на регионално ниво, со што ќе се слеваат и по тие основи повеќе пари во локалните заедници, а и граѓаните ќе добиваат побрзи, поквалитетни и поефикасни услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот