Очите како океан: Девојка си ги ископала очите поради дрога, а сега слепа се грижи за ќерка си
Пред година и пол, Кејли Мутарт (22) го престраши светот откако при психотична епизода предизвикана од метамфетамнини, си ги ископала очите.
Американката од Јужна Каролина после тоа ги стискала во рацете додека шокираниот минувач се обидувал да ја спречи. Кејли била будна скоро 48 часа, шмркајќи и вбризгувајќи си метамфетамин.
„Со дрогата ги снемува сите стравови. Мислев дека треба да си ги ископам очите за да преживеам и да го спасам светот“, се присеќава Кејли.
Преживеала, но се соочила со новиот бес и привикнувањето на новиот живот во темнина. Сега живее со своето семејство.
„Доби втора шанса. Психички и физички Кејли стигна многу далеку. Одиме ден по ден, но секој ден ни е сè подобар. Ги исчисти мислите и сега потполно го сфаќа својот пат. Дел од тој пат е да им помогне на луѓето како неа“, вели мајка ѝ Кејти Томпкинс и додава дека ќерка ѝ и претходно била одлучна во сè. Дури си купила сопствен автомобил со пари што ги заработила уште пред да добие возачка.
„Се прашував често зошто? Зошто таа? Толку потенцијал имаше во таа прекрасна девојка. А нејзините очи беа како океан, можеа да се видат нејзините емоции во нив“, вели Кејти.
По сè што се случило, поминала недели во психијатриска установа. Била на операција за да ги подготви очните шуплини за протезите што ќе ѝ ги стават. Уште се смета за зависник во процесот на рехабилитација, но вели дека не ѝ било тешко да постигне трезвеност.
„Кога нешто ќе те изгори како оган, никогаш веќе не му се приближуваш“, вели Кејти.
Сè прави сама, а ако некаде се повреди, вели дека тоа е само лекција која мора да ја совлада.
Користи апликации за слепи лица за полесно да се снајде на мобилен и на компјутер.
Во недела оди во црква со помош на стап за слепи. Може да испржи јајце, а научила да свири клавир.
Желба ѝ е да научи да свири гитара.
Кејли има ќерка која ја родила на 18 години, а иако детето живее со семеен пријател, вели дека секојдневно разговараат и често ја посетува.
Вели дека го прифатила слепилото бидејќи во спротивно никогаш немало да биде среќна. Сака да се пресели во свој дом и да му биде мајка на своето дете.
Долгорочно се гледа себеси во улога на мотивационен говорник или пејачка, а сака и да напише книга. Но од детскиот сон да стане морски биолог, морала да се откаже.