Очај во Северна Кореја: Гладните луѓе ги киднапираат децата на богатите за да добијат храна

Северна Кореја/ Фото: ЕПА

Гладните Севернокорејци почнаа да киднапираат деца од богатите семејства и да бараат откуп за да можат да купат храна, пренесува Дејли Меил.

Во последните недели, најмалку четири киднапирања на деца се пријавени во земјата која се бори со санкциите кои беа донесени од страна на меѓународната заедница против режимот на Ким Јонг-ун.

Состојбата со недостатокот на храна, лекови, гориво и други секојдневни производи се влоши кога Пјонгјанг целосно ги затвори своите граници во јануари 2020-та година, во обид да спречи влез на ковид-19 во земјата.

Севернокорејскиот режим се плашеше дека застарениот и слабо опремен здравствен систем ќе пропадне доколку во земјата се рашири коронавирусот.

Официјално, во земјата нема пријавено заболен од ковид-19, иако Северна Кореја има 1.352 километри долга граница со Кина, која и покрај сите мерки, луѓето често ја минуваат.

Дури и Ким навести дека неговата изолирана состојба е на работ на катастрофа, правејќи паралела помеѓу моменталната ситуација во земјата и ужасниот четиригодишен глад од средината на 1990-тите, познат како „мачниот марш“.

Се проценува дека три милиони луѓе починале во тоа време од глад предизвикан од хаотичното управување со економијата, колапсот на системот за дистрибуција на храна и фактот дека другите комунистички земји ја прекинаа испораката на хуманитарна помош.

Цивилното население станува се поочајно. Минатиот месец, шестгодишно девојче исчезна додека си играло покрај реката во близина на нејзината куќа во областа Сонгчон, северно од Пјонгјанг.

„Таа беше киднапирана од страна на 30-годишен маж кој живее во другото село. Киднаперот знае дека нејзиното семејство добро стои финансиски, а тој дури и го доби телефонот на нејзините родители пред да ја киднапира за да бара откуп“ пренесува Радио Слободна Азија.

Изворот нa РСА напиша дека киднаперот ја заклучил девојката во својата куќа и дека побарал 500.000 вони (околу 55 фунти) од нејзините родители. Меѓутоа, полицијата успеала да го пронајде и да го уапси, а детето безбедно било вратено кај родителите.

Јужнокорејскиот весник Дејли НК објави дека се пријавени уште два случаи на киднапирање деца во провинцијата Рајанганг, која граничи со Кина. Кон средината на мај, маж киднапирал момче од градинка во Хјесан, тврдејќи дека е неговиот татко.

На мајката на детето подоцна и бил побаран откуп од околу 600 фунти, по што таа го пријавила киднапирањето во полиција. Полицијата успеала да го пронајде мажот и да го ослободи момчето осум часа по киднапирањето.

Во јуни, полицијата уапсила маж кој се обидел да се качи на воз во Хесан со петгодишното момче што го киднапирал за да побара откуп.

Мештаните во оваа област велат дека родителите се повеќе се вознемируваат поради киднапирањата и дека се плашат дека некои нови такви случаи нема да се решат така лесно.

Веста за очајните потези на Севернокорејците да се хранат се појавија по извештаите дека нивниот врховен лидер изгубил многу килограми. Ким (37) беше фотографиран многу послаб, што поттикна приказни за неговата здравствена состојба.

Властите во моментов ги отфрлија шпекулациите како „реакционен чин“ и рекоа дека Ким јаде помалку „заради својата земја“, во која владее недостаток на храна.

На цела Северна Кореја ѝ се плаче – Ким Јонг Ун ослабе и им го скрши срцето на граѓаните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот