Обвинувања за криминално досие и за новиот градоначалник на Вау те Дејес

Фото: Миа

По доставеното барање од опозициската Демократска партија, која претендира дека новиот градоначалникот на општина Вау те Дејес, Марк Бабани, има криминално досие, јавното обвинителство во Тирана почна постапка за проверка на изнесените обвинувања.

Оваа институција доставила официјален допис до властите во Македонија и Италија со кој бара информации за градоначалникот Бабани, додека одделението за декриминализација при обвинителството побарало од него отпечатоци од прстите во соодветниот полициски сектор.

Опозициските демократи тврдат дека поседуваат веродостојни докази дека во периодот 2002/2003 бил уапсен и осуден во Македонија, додека претходно во периодот 1994-1999 година бил осуден во Италија и протеран и дека користел три различни идентитети.

Тој категорично ги отфрла обвинувањата, велејќи дека во неговиот живот никогаш не бил казнуван.

– Имам 52 години и до сега не сум бил казнуван ниту за сообраќаен прекршок. Доколку некој најде и една запирка ќе му бидам благодарен, изјави Бабани.

Ова е трет новоизбран градоначалник од редовите на владејачката Социјалистичка партија за кого Обвинителството бара информации од друга земја.

Претходно тоа го побара од италијанските власти за Валдрин Пјетри, кој на изборите на 30 јуни беше избран за градоначалник на Скадар. По обвинувањата од страна на опозицијата дека во Италија бил осудуван за шверц на дрога и одлуката на Обвинителството да почне постапка, Пјетри се откажа од градоначалничката фотелја на која официјално не ни седна. Тој образложи дека сака да ја докаже својата невиност како обичен граѓанин.

Вториот случај е со градоначалникот на Вора, Агим Кајмаку, за кого демократите тврдат дека бил осудуван во периодот додека живеел во Грција, со идентитет Јорго Тото. Кајмаку ги отфрла обвинувањата и веќе ја раководи општината која е во близина на Тирана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот