Обвинителството води постапки за сите што се на „црната листа“, но исход уште нема
Откако Стејт департментот ги стави на „црна листа“ поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети под сомнение дека земале мито за да го спасат од затвор поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека оформил предмет против нив, а тврди дека се водат постапки и против другите лица што се ставени на оваа листа.
– Поради сериозноста на наводите во последното назначување лица на „црната листа“ на САД, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет за обезбедување докази во врска со наводите за трговија со влијание. Предметот е доставен до надлежно јавно обвинителство – вели Коцевски.
Обвинителството ќе истражува дали има кривична одговорност и кај Мијалков кој, според она што го објави американската амбасада во земјава, го давал поткупот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно побара трпение од македонската јавност, одговарајќи на прашањето дали доказите што ги има Вашингтон, ги има и Скопје.
– Добро ѝ е познато на јавноста дека никогаш не шпекулирам и никогаш не отворам информации за јавноста што се несоодветни во рамките на сето она поставување што е во надлежност на МВР. Би побарал трпение од македонската јавност и во овој дел, сега-засега – рече Тошковски.
Според него, добро е што конечно се будат институциите и почнуваат да ја спроведуваат правдата пред македонската јавност.
Освен за Груби и за Беџети, според Коцевски, во Обвинителството се воделе постапки и за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за актуелниот скопски градоначалник Стевчо Јакимовски, додека за поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев имало предмет во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција што застарел поради контроверзните измени на Кривичниот законик.
– Откако јас сум државен обвинител, од февруари досега за овие лица што ги споменавте, се водат постапки и се преземаат дејства. Во однос на Кочо Анѓушев, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција имаше предмет, но знаете дека со измените на Кривичниот законик многу предмети ни пропаднаа. Понатаму сè што можеме да преземаме, ќе преземаме, но верувајте дека доказите многу тешко се обезбедуваат – рече обвинителот.
Така Коцевски спомена дека се водат постапки за Јакимовски, за Мерко и дека е оформен предмет и за Груби и за Беџети, но на оваа листа има и други функционери.
Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и Мерко. На оваа листа веќе беа експремиерот Никола Груевски и Мијалков.
Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Американската амбасадорка Анџела Агелер завчера ги повика македонските институции да преземат мерки. Таа беше децидна дека доказите се тука, во македонските институции, и ако Вашингтон успеал да ги обезбеди, можат и македонските институции.
– Не мора ние да им даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции. Имате Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, Обвинителство, имате судии и мислам дека луѓето во оваа земја сакаат да видат резултати. Ние не можеме да ги контролираме властите што ќе направат. Но, очекуваме да има чекори во таа насока – рече Агелер.
Груби и Беџети се најдоа на листата поради вмешаност во „значителна корупција“, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со Мијалков.
Покрај Груби и Беџети, на најновото проширување на американската „црна листа“ се наоѓаат и членови на нивните потесни семејства.
На брифингот што го организираше Обвинителството со новинарите, обвинителите порачаа дека не може да водат постапки за секоја изјава на политичарите и дека не е надлежно само Обвинителството да реагира по допрен глас. Оттаму посочија дека прво треба да реагира и правосудната полиција.