Обвинителството истражува дали некој го подметнал пожарот во напуштените бараки на Прекршочниот суд

Снимки од дрон од пожарот во Градскиот парк/ Фото: Слободен печат

Сѐ уште не се утврдени причините за вчерашниот голем пожар во кој до темел изгореа бараките на поранешниот суд за прекршоци во Скопје. Но, наместо надлежните да го обезбедат местото, граѓани почнаа да го расчистуваат местото и со себе да носат сѐ што може да им затреба, објави ТВ24.

Обвинителството допрва треба да изврши увид, а од ЈП „Водовод и канализација“ негираат дека хидрантите во близина на објектот не работат, откако командантот на територијалната противпожарна бригада на град Скопје вчера изјави дека пожарникарите се соочиле со проблем со немање дотур на вода во нивните возила. Од скопскиот Водовод велат дека на територијата на градот постојат 47.590 хидранти како и 42 надземни пожарни хидранти. Оттаму одрекуваат дека хидрантите на улицата „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ не работат.

Од скопското Јавно обвинителство за ТВ 24 информираат дека дежурен јавен обвинител вчера бил известен за пожарот, а увид ќе биде извршен „веднаш штом се создадат услови за тоа“.

Вчерашниот пожар го отвори прашањето за сопствеништвото врз земјиштето и бараките, откако актуелниот градоначалник Петре Шилегов изјави дека со нив владее Основниот кривичен суд, а од Судот велат дека тие немаат никакво владение врз бараките.

„Од пред две години Судот за прекршоци е целосно преселен во старата и новата зграда на судот за што како суд имавме и промотивен настан. Целиот канцелариски инвентар, предметите и архивата се префрлени во новите канцеларии на судиите од одделот за прекршоци. Судот не ги плаќа комуналните трошоци и не го обезбедува објектот“, велат од Основен кривичен суд Скопје.

Според Град Скопје, земјиштето не е во сопственост на Градот, а за тоа што е предвидено да се гради на ова место, упатуваат на Општина Центар, која го изготвува и го носи Деталниот урбанистички план.

Според Телма, во катастарскиот извод пишува дека земјиштето на кое беа поставени бараките е во сопственост на државата, а со него располага Општина Центар. Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ вели дека на местото нема да никнат приватни станбени згради, како што тврди опозицијата и се шпекулира по социјалните мрежи. За тука е предвидена изградба на основно училиште и градника, дециден е градоначалникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот